Засилено се вршат напори за спас на украинските бранители во Азовстал. „Вклучени се влијателни посредници, влијателни држави. Работиме и на дипломатски опции за да ги спасиме нашите војници кои се уште во Азовстал“, изјави украинскиот претседател во синоќешната видео порака, но без да наведе повеќе детали.
Во досегашните евакуирања, челичарницата смееја да ја напуштат само цивили, во најголем дел жени, деца и постари луѓе, кои потоа беа упатувани во подрачјата под украинска контрола. Вчера (06.05) од опколената фабрика за челик се евакуирани 50 луѓе, потврди украинската вицепремиерка Ирина Верешчук. Војниците и многумина ранети меѓутоа и натаму остануваат заглавени во последното упориште на украинските бранители на Мариупол. Руските трупи со денови постојано ја напаѓаат со бункери тунели силно забарикадираната челичарница. Нивна цел наводно е освојување на Азовстал до 9 мај, Денот на советската победа во Втората светска војна.
Зеленски изјави – доколку бидат убиени цивилите и војниците во Азовстал, нема веќе да се водат никакви разговори со Русија.
Во Украина во меѓувреме растат стравувањата од масивни воздушни напади на 9 мај. Во тој контекст украинскиот претседател ги повика своите сограѓани на посебна дисциплина: „Ги молам сите наши граѓани, посебно во овие денови, да не ги игнорираат предупредувањата од воздушни напади. Украинците треба стриктно да се придржуваат на упатствата на властите и локалните ограничувања на движење“, порача Зеленски. Во одделни украински градови во близина на фронтот важат повеќедневни полициски часови.