Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска во Брисел беше на состанокот на министрите за одбрана на земјите од НАТО за лично да објасни зошто и колку на неговата земја и е потребна воена помош во моментот, бидејќи Киев се соочува со повлекување на политичката поддршка во САД, а покрај тоа, нејзините сојузници се под притисок да испратат оружје во Израел, кој од саботата повторно е во војна со палестинскиот Хамас.

Присуството на Зеленски ја нагласува зголемената загриженост за пукнатините во некогаш цврстата меѓународна поддршка за Киев во неговата војна против руската инвазија, како и стравувањата дека украинските сили не постигнале мерлив напредок на линијата на фронтот во контраофанзивата како што се приближува очекуваниот зимски застој на фронтот.

На прашањето дали е загрижен дека Украина може да добие помала воена поддршка отколку што се очекуваше поради новата војна во Израел, Зеленски рече дека сам го поставил тоа прашање, додавајќи дека смета дека никој навистина не ги знае одговорите, но оти сепак претпоставува дека постои поддршка од САД и Европа.

Тој додаде дека е „многу разбирлив степенот“ на она што САД и Европа можат да и го дадат на Украина.

Во врска со компликацијата предизвикана од војната во Израел, тој рече дека „се разбира, сите се плашат и мислам дека Русија исто така смета на тоа, на поделбите за поддршка“, изјави Зеленски на новинарите заедно со белгискиот премиер Александар Де Кроа.