Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, остро ја отфрли секоја можност за територијални отстапки во замена за мир, нагласувајќи дека суверенитетот на земјата е несомнен. Неговата изјава доаѓа како реакција на најавата за средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и лидерот на Кремљ Владимир Путин, пишува Правда.

Зеленски беше експлицитен во врска со територијалното прашање.

„Одговорот на украинското територијално прашање е веќе во Уставот на Украина. Никој нема да отстапи од него – и никој нема да може. Украинците нема да му ја дадат својата земја на окупаторот“, рече тој.

Сепак, тој истакна дека Украина е подготвена за вистински решенија што можат да донесат мир, но под јасни услови.

„Но, сите партнери мора да разберат што е достоинствен мир. Оваа војна мора да заврши – и Русија мора да ја заврши. Русија ја започна и ја одолговлекува, игнорирајќи ги сите рокови, и тоа е проблемот, а не нешто друго“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател предупреди дека сите договори постигнати без учество на Украина се „мртви одлуки“ што нема да донесат вистински мир. Тој ја нагласи својата подготвеност да соработува со Трамп и другите меѓународни партнери за да се постигне мир што „нема да пропадне поради желбите на Москва“.

Трамп вчера за време на брифингот во Белата куќа рече дека мировниот договор за војната меѓу Русија и Украина треба да вклучува „некои размени на територии“. Средбата меѓу Трамп и Путин е закажана за 15 август во Алјаска, а двете страни го потврдија датумот и локацијата.

Текстот Зеленски остро им одговори на Трамп и Путин: Украинците нема да му ја дадат својата земја на окупаторот е превземен од МАКФАКС.