Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги обвини европските партнери дека ја оставиле противвоздушната одбрана на неговата земја на цедило, што ѝ овозможило на Русија со балистички ракети тешко да ја оштети енергетската инфраструктура и да ја доведе Украина „на работ на целосен мрак“.

Поради задоцнети уплати од Западот, тврди Зеленски, клучните одбранбени системи „биле неупотребливи“.

Во разговор со новинарите во Киев синоќа, украинскиот претседател изјави дека ракетите-пресретнувачи PAC-3 за системите „Патриот“, кои ги ветиле европските партнери, пристигнале со еден ден задоцнување поради пропуштена уплата. Според неговите зборови, тоа оставило голем број Украинци без струја, греење и вода среде најстудената зима од почетокот на војната.

„Уплатата во рамки на иницијативата PURL не беше извршена. Ракетите не пристигнаа“, рече тој, без да наведе која земја е одговорна за пропустот.

Зеленски, како што изгледа, мислел на рускиот напад од 20 јануари, во кој, според украинските воздухопловни сили, врз Украина биле истрелани 34 балистички и крстосувачки ракети. Муницијата PAC-3 е единствената во украинскиот арсенал што може да соборува балистички ракети.

Тој уште на 16 јануари предупредил дека резервите на муниција за противвоздушна одбрана се опасно ниски, наведувајќи дека до тоа утро неколку системи останале без ракети.

Својот остар говор на Светскиот економски форум во Давос овој месец, во кој ги критикуваше европските сојузници, Зеленски го објасни со фрустрацијата поради неизвршената уплата.

„Русија успеа да го наруши снабдувањето на Киев со струја и вода затоа што нашите единици за одбрана од балистички напади се празни – едноставно празни“, рече тој.

„Обидете се да замислите: знам дека балистички ракети летаат кон нашата енергетска инфраструктура, знам дека системите ‘Патриот’ се поставени и знам дека нема да има струја затоа што немаме ракети за да ги пресретнеме“, ја опиша ситуацијата.

„Во таква ситуација се најдов. И преговарам за ракети PAC-3 кои пристигнуваат еден ден откако бевме доведени на работ на целосен колапс на системот.“

Тој призна дека зборува „емотивно“, но нагласи дека е важно Украина и Европа „да бидат на иста бранова должина за сè да може да биде ефикасно и навремено“.

Иницијативата PURL (Prioritised Ukraine Requirements List) минатата година ја покренаа САД и НАТО, со цел со средства од европските држави да се набавуваат американски системи за противвоздушна одбрана и друго клучно оружје за одбраната на Украина.

Меѓу државите што придонесуваат во иницијативата се Германија, Норвешка, Полска, Холандија, Белгија, Канада, Луксембург, Португалија, Словенија и Шпанија.

Двајца западни функционери запознаени со функционирањето на иницијативата изјавиле дека обвинувањето на Зеленски не е точно, но одбиле да изнесат детали. НАТО не одговори веднаш на барањето за коментар.

Во меѓувреме, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас изјави дека европските престолнини „мора да навлезат подлабоко во сопствените резерви на противвоздушна одбрана“, бидејќи Украина оваа зима се соочува со „хуманитарна катастрофа“.

Изјавите на Зеленски доаѓаат во момент кога Кремљ објави дека американскиот претседател Доналд Трамп побарал од рускиот претседател Владимир Путин еднонеделно примирје во нападите врз Киев поради исклучително ниските температури.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додаде дека целта на Трамп била „создавање поволни услови за одржување преговори“ меѓу руски и украински претставници во Абу Даби. Кремљ денеска потврди дека Путин се согласил на прекин на огнот до 1 февруари.

Двете страни минатата недела одржаа трилатерални разговори со САД во главниот град на Емиратите, а нов круг треба да се одржи подоцна во февруари. Украинските претставници ја обвинуваат Русија за „енергетски терор“ во време кога администрацијата на Трамп се обидува да поттикне мировни преговори и да ја заврши војната која следниот месец влегува во петтата година.

Самиот Трамп го потврди повикот за време на состанок на кабинетот во четврток.

„Лично го замолив претседателот Путин една недела да не го гаѓа Киев и другите градови и населби за време на оваа исклучителна студенило. И тој се согласи. Морам да ви кажам, тоа беше многу љубезно од негова страна“, рече Трамп.

Во текот на ноќта кон петок, сирените за воздушна опасност во Киев не се огласија, а се чини дека Русија се придржувала до договорот. Украинските воздухопловни сили не забележале напади со ракети или беспилотни летала врз поголемиот дел од земјата, вклучително и главниот град.

Сепак, врз подрачјата околу источните боишта биле лансирани 111 дронови и еден проектил, а засега не е познато дали била целена критична инфраструктура.

Текстот Зеленски обвинува: Европа ја остави Украина без противвоздушна одбрана, земјата на работ на целосен мрак е превземен од МАКФАКС.