Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето новогодишно обраќање до нацијата изјави дека Украина сака крај на војната, но не по секоја цена. Тој нагласи дека нема да потпише „слаб“ мировен договор што само ќе го продолжи конфликтот, објави Ројтерс.
Седејќи во својата канцеларија со празнична елка во позадина, Зеленски во 21-минутен говор објавен непосредно пред полноќ рече дека Украинците се исцрпени по речиси четири години војна – подолго од германската окупација на многу украински градови во Втората светска војна.
Сепак, нагласи тој, тие не се подготвени да се откажат. „Што сака Украина? Мир? Да. По секоја цена? Не. Сакаме крај на војната, но не и крај на Украина“, рече Зеленски, облечен во традиционална украинска темнозелена кошула. „Дали сме уморни? Многу уморни. Дали ова значи дека сме подготвени да се предадеме? Секој што мисли така, длабоко греши“, додаде тој.
Зеленски предупреди дека секој потпис „ставен на слаби договори само поттикнува војна“. „Мојот потпис ќе биде ставен на силен договор. И тоа е она за што се однесува секој состанок, секој телефонски повик, секоја одлука сега“, рече тој. „Да се обезбеди силен мир за сите, не за еден ден, една недела или два месеци, туку мир со години“.
Според него, неделите дипломатија предводена од САД, вклучувајќи ги и неговите разговори со Доналд Трамп минатиот викенд во Флорида, резултираа со мировен договор кој е речиси финализиран. „Мировниот договор е 90% готов, остануваат 10%“, рече Зеленски. „Тие 10% содржат сè, тоа се 10% што ќе ја одредат судбината на мирот, судбината на Украина и Европа и како ќе живеат луѓето“.
Зеленски ги отфрли руските барања за целосно повлекување од Донбас како „измама“. „Дали некој сè уште им верува? За жал, да“, рече тој. „Бидејќи премногу често вистината се избегнува и се нарекува дипломатија, кога всушност таа е едноставно лага, облечена во деловни костуми“.
Текстот Зеленски: Мировниот договор е 90 проценти завршен, но клучните десет, одлучуваат сè е превземен од МАКФАКС.























