Украинскиот претседател Володимир Зеленски на седницата на парламентот го претстави планот за победа во војната против Русија.
Планот се состои од пет клучни точки: Членство во НАТО, одбрана, одвраќање на руската агресија, економски раст и соработка, повоена безбедносна архитектура.
Покрај тоа, планот вклучува три тајни точки кои нема да бидат откриени во јавноста, но ќе бидат клучни за спроведување на стратешките цели на Украина.
Парламентарниот претставник Дејвид Арахамиа изјави дека тајните точки ќе им бидат претставени на претседателите на партиите, пишува „Киев Индипендент“.
„Доколку планот биде поддржан, најдоцна следната година можеме да ја завршиме војната“, рече Зеленски во парламентот.
Членството на Украина во НАТО алијансата беше на самиот почеток на планот. Иако Украина ја поднесе својата апликација за членство во септември 2022 година, тие сè уште немаат добиено јасен одговор од западните сојузници.
„Ние разбираме дека членството во НАТО е прашање на иднината, а не на сегашноста“, посочи Зеленски.
„Ако Путин ги постигне своите налудничави геополитички, воени, идеолошки и економски цели, тоа ќе создаде огромен впечаток кај другите потенцијални агресори, особено во регионот на Персискиот Залив, регионот на Индо-Пацификот и Африка, дека агресивните војни можат да бидат профитабилни за нив исто така“, рече тој.
„Мораме да спроведеме план за победа за да ја принудиме Русија да биде на мировниот самит и подготвена да стави крај на војната“, заклучи Зеленски.