Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека Владимир Путин ќе се обиде да го измами Доналд Трамп за време на нивниот состанок во Алјаска, закажан за овој петок, пишува „Политико“.
„Ја разбираме намерата на Русите да се обидат да ја измамат Америка – нема да го дозволиме тоа. Многу ја ценам решеноста на претседателот Трамп да ја спречи смртта во војната. Многу луѓе ги даваат своите животи секој ден“, рече Зеленски.
„Но, единствената коренска причина за овие убиства е желбата на Путин да се бори и да манипулира со секого со кого доаѓа во контакт. Ние во Украина добро ја познаваме Русија и затоа Украинците веќе издржаа повеќе од три години тотална војна“, додаде тој.
Зеленски, исто така, рече дека давањето какви било отстапки на Русија нема да доведе до крај на војната. Во објава на Телеграм, Зеленски нагласи дека „отстапките нема да го одвратат убиецот“, истакнувајќи дека само во последните 24 часа, на фронтовската линија се регистрирани 137 борбени конфликти. Според него, Русија „не го намалува притисокот и не ги брои своите загуби“.
„Русија ја продолжува војната и затоа заслужува посилен притисок од светот“, напиша тој. „Русија одбива да ги запре убиствата и затоа не треба да добива никакви награди или позитивни исходи за себе. И ова не е само морална позиција – тоа е рационална позиција“, напиша Зеленски.
Долгоочекуваниот самит во Алјаска доаѓа во време кога Трамп се обидува да изврши притисок врз Путин да ја прекине војната против Украина. По разговорите од минатата недела меѓу Путин и претставникот на Трамп, Стив Виткоф, во Москва, наводно се разгледува можноста за територијална размена.
Зеленски остро ја отфрли таквата идеја и наместо тоа повика на воведување силни санкции од САД против Русија. Европските сојузници на Киев, исто така, инсистираат украинската позиција да се земе предвид за време на преговорите.
Текстот Зеленски го предупреди Трамп: Путин ќе се обиде да те измами е превземен од МАКФАКС.