Претседателот на Украина, Володимир Зеленски при денешната посета на Изјум во Харковската област изјави дека е шокиран од тоа што го видел во градот.

– Ова што го гледаме е шокантно, иако претходно го видовме во Буча, на првите деокупирани територии. Уништени згради, убиени луѓе. За жал, овие денови тоа е дел од нашата историја. Тоа исто така е дел од модерната руска нација, тоа што го направија овде, посочи Зеленски.

Изјум, неодамна беше ослободен од украинските сили. Тој е важен стратешки град во источниот дел на Украина. Москва го користеше Изјум како точка од каде испраќаше засилување на фронтот во Донбас.

Тој додаде дека е убеден оти руските воени злосторници ќе бидат осудени.

– Сите разбираме дека ова е тековен процес, но сигурен сум дека ќе видиме пресуди за тоа, дека судот ќе го направи своето. Во тоа не се сомневам, наведе Зеленски.

Тој изрази уверување дека сите окупирани територии ќе и бидат вратени на Украина.

– Сакам да испратам порака до сите наши луѓе кои, за жал, се уште се под окупација, вклучително и луѓето на Крим. Знаеме дека нашите луѓе таму, што е огромна трагедија, се под окупација повеќе од осум години. Ние ќе се вратиме во Крим. Не знам точно кога, но имаме планови, истакна Зеленски.