Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го повика германскиот канцелар Олаф Шолц да направи „силен чекор“ и да го посети Киев на 9 мај, датумот кога Русија ја одбележува победата на Советскиот Сојуз во Втората светска војна.
Тој упати повторно покана до Шолц, откако односите меѓу двете земји беа затегнати кога германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер минатиот месец беше спречен да го посети Киев.
„Тој беше поканет во Украина и таа покана е отворена веќе некое време. Тој може да го направи овој многу моќен политички чекор, да дојде овде на 9 мај, во Киев. Не го објаснувам значењето, мислам дека сте доволно културни за да разберете зошто“, рече Зеленски во видео обраќањето во британскиот аналитички центар „Чатам Хаус“.
Во своето обраќање, Зеленски ја обвини Русија за ситуацијата во опколениот Мариупол, што тој ја опиша како „мачење“ и рече дека „не може да има преговори со Москва додека таму се убиваат цивили и војници кои можат да бидат евакуирани“.
„Денеска е 72-от ден од војната и нејзиниот крај се уште не е на повидок и не гледаме подготвеност на руската страна да ја прекине“, додаде Зеленски.