Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека го поканил францускиот претседател Емануел Макрон да ја посети Украина за да се увери од прва рака дека руските сили вршат „геноцид“, термин кој Макрон не го користи.
– Разговарав со Макрон. Тој сака да обезбеди Русија да се вклучи во дијалог, рече Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен, обидувајќи се да објасни зошто Макрон одбива да го користи терминот геноцид во Украина, за разлика од американскиот претседател Џозеф Бајден.
Зеленски прво го оцени како навредливо одбивањето на Макрон да ги означи злосторствата во Украина како геноцид.
– Му реков (на Макрон) дека сакам да сфати дека ова не е војна, дека тоа не е ништо друго освен геноцид. Го поканив да дојде кога ќе има можност. Тој ќе дојде да види и сигурен сум дека ќе сфати, рече Зеленски.
Макрон, кој е во кампања за вториот круг од претседателските избори во Франција, неодамна изјави дека злосторствата во една земја треба да бидат означени како „геноцид“ од правосудните органи, а не од политичарите. Тој додаде дека влегувањето во „вербална тензија“ нема да и помогне на Украина.