Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руските напади врз Украина докажуваат дека Москва не размислува за завршување на војната.
Зеленски го опиша нападот врз Добропиља како „еден од најбруталните“, истакнувајќи дека тој бил „внимателно планиран за да се предизвика максимална штета“. Во своето вечерно обраќање, Зеленски потврди дека меѓу 11-те загинати е и припадник на итната служба.
„Русија со своите злосторства од ден на ден докажува дека ништо не се сменило во Москва – тие не размислуваат како да ја завршат војната, туку како да уништат и освојат уште повеќе, додека светот им го дозволува тоа“, рече тој.
Зеленски им се заблагодари на светските лидери и дипломати кои ги осудија руските напади и ги „нарекоа работите со нивните вистински имиња“.
„Важно е да продолжиме да ги координираме сите напори со нашите партнери, да обезбедиме успешна одбрана и да направиме се што е можно за да го доближиме мирот“, додаде тој.