По повод најавената посета на министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров на Белград на 6. и 7 јуни, Здружението „Руси, Украинци, Белоруси и Срби заедно против војната“ соопшти дека „на агресорот не му е место во Србија“ и го повикаа претседателот на Србија да го ускрати гостопримството на Лавров, јави дописникот на МИА од Белград.
– Најостро ја осудуваме најавената посета на министерот за надворешни работи на земја која сто дена сее смрт, уништување и страв на европско тло. Сосема е јасно дека посетата на висок државен функционер на Русија во овој момент, среде агресијата против Украина, има единствена цел преку уцени и закани да обезбеди поддршка од Србија за нејзината освојувачка воена кампања против слободна и независна држава, членка на Обединетите нации, се наведува во соопштението на Здружението.
Во него се повикува претседателот на Република Србија и државните органи да го ускратат гостопримството на „промоторот на лагите на Владимир Путин и портпарол за воените злосторства и геноцидот во Украина“.
– Приемот на висок функционер на Руската Федерација во официјална билатерална посета во овој момент ќе означи јасно отсуство на осуда на агресијата и емпатијата за страдањата на луѓето во Украина, застанување на Србија на страната на агресорите и поништување на гласањето во Генералното собрание на ОН. Ние, Русите, Украинците и Белорусите во Србија, заедно со нашите сограѓани Срби, протестираме сто дена против злосторничките режими на Владимир Путин и Александар Лукашенко, кои заедно и брутално, на најсуров начин ги нападнаа нашите браќа и сестри во Украина и даваме поддршка и помош за праведната борба на народот на Украина за својата земја, мир, слобода и независност, се наведува во соопштенеито.