Здружението „Потомци на бегалци и доселеници од територијата на Република Северна Македонија и пријатели“ денеска упати писмо до највисоките институции на Европската Унија, во кое изразува сериозна загриженост за состојбата со слободата на изразување во Северна Македонија. Повод за писмото е неодамнешната судска пресуда против Љупчо Ѓоргиевски, претседател на забранетиот бугарски културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола, кој беше осуден на условна затворска казна поради наводно поттикнување омраза преку цитирање историски текстови, јавува Трибуна.

Во писмото, адресирано до врвот на Европската комисија, како и до сите членови на Европскиот парламент, здружението оценува дека станува збор за политички мотивиран процес и грубо кршење на член 10 од Европската конвенција за човекови права – правото на слобода на изразување.

Писмото укажува на, како што се вели, „контрадикторности и двојни стандарди“ во односот на македонската држава кон историјата на ВМРО и ликот на Иван Михајлов, кој истовремено е застапен во државни музеи и учебници, но и причина за прогон доколку се цитира на бугарски јазик.

Авторите на писмото ги обвинуваат властите во Скопје за „реставрација на репресивни практики од југословенскиот период“ и повикуваат европските институции да го следат случајот, како и да разгледаат можност за санкции против функционери што, според нив, ги кршат човековите права и шират говор на омраза кон граѓани со бугарска идентичност.

Особено се потенцира разочараноста од „неделувањето“ на европскиот известувач за Северна Македонија, Томас Вајц, и се бара поинклузивен и непристрасен пристап во изработката на извештаите за напредокот на земјата кон ЕУ.

Писмото го потпишуваат професорот Трендафил Митев, доцентот Спас Ташев и Илија Стојановски како сопретседатели на здружението, како и секретарот Димитар М. Димитров.

Ви го пренесуваме текстот на писмото во целина и без уредничка интервенција:

ЗДРУЖЕНИЕ „ПОТОМЦИ НА БЕГАЛЦИ И ДОСЕЛЕНИЦИ ОД ТЕРИТОРИЈАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ПРИЈАТЕЛИ“

Софија, 17 јуни 2025 година

До:

Г-ѓа Хена Виркунен, Извршна потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија

Г-ѓа Каја Калас, Висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедносна политика

Г. Рафаеле Фито, Извршен потпретседател на Европската комисија за приближување и реформи

Г-ѓа Марта Кос, Kомесарка за проширување

Г. Мајкл Мекграт, Kомесар за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачи

Г. Томас Вајц, Рапортeur за Северна Македонија во Европскиот парламент

Сите членови на Европскиот парламент

Предмет: Повреда на слободата на изразување во случајот со Љупчо Ѓоргиевски од Битола, Северна Македонија – државјанин на Северна Македонија и на Бугарија

Почитувани дами и господа,

На 29 јануари 2025 година се обративме до Вас во врска со судскиот процес во Северна Македонија против нејзиниот државјанин Љупчо Ѓоргиевски. Тој е претседател на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“, основан во 2020 година и забранет во 2023 година. Постапката е покрената по пријава на крајно левичарската, проруска и просрпска партија „Левица“.

Г. Ѓоргиевски е обвинет за поттикнување на расизам и ксенофобија преку електронски средства, затоа што цитирал изјави на Иван Михајлов – последниот лидер на автентичната Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО), основана во 1893 година. Судот сметал дека овие цитати ја негирале уникатноста на македонската нација. Тој е обвинет и за објавување текстови на литературен бугарски јазик, како и за изразени сомнежи во официјалната историска интерпретација за развојот на македонскиот јазик.

На 12 јуни 2025 година, Основниот суд во Битола го осуди Ѓоргиевски на една година затвор, условно, со двегодишен пробен рок (Прилог 1). Во образложението на судот се наведува дека тој „знаел дека на дискриминаторски начин ќе поттикне омраза и нетрпеливост врз основа на етничка припадност, јазик, религија и општествен статус…, дозволил поставување табла со цитат од Иван Михајлов на влезот на канцеларијата на здружението, со кој се негира посебноста на македонската нација…, и како администратор на Facebook-страницата на Културниот центар ‘Иван Михајлов’, преку компјутерски систем, ширел идеи кои поттикнуваат кон омраза и дискриминација врз основа на етнички и други убедувања.“

Оваа судска одлука не се базира на лични изјави на г. Ѓоргиевски, туку на фактот дека тој цитирал историска личност – постапка која во демократските општества е заштитена со слободата на изразување.

Со загриженост забележуваме дека кратенката ВМРО е дел од името на актуелната владејачка партија во Северна Македонија – ВМРО-ДПМНЕ, партија која нема идеолошка поврзаност со историската организација. И покрај формалната проевропска реторика, оваа партија презема дејства кои ја дестабилизираат централнобалканската регија и ги поткопуваат демократските принципи.

Прогонството на г. Ѓоргиевски е пракса наследена од југословенскиот период, кога слободата на говорот беше ограничена, а историјата преработена. Целта на ова судење е заплашување на граѓаните кои се стремат кон историска вистина. Затоа побаравме претставници на ЕУ да го набљудуваат процесот. За жал, ниту една европска институција не пројави интерес, што само го охрабри репресивниот карактер на режимот во Скопје.

Особено сме разочарани од неактивноста на г. Томас Вајц, известувач за Северна Македонија, кој не покажа интерес за овој политички мотивиран процес. Нацрт-извештајот за Северна Македонија, кој се подготвуваше во Европскиот парламент, е небалансиран и еднострано ориентиран – заснован исклучиво на средби со владини претставници во Скопје, без ниту една средба со репресирани граѓани кои ја зачувале својата бугарска идентичност и покрај секојдневниот говор на омраза и притисоците.

Политичкиот дискурс во Северна Македонија е исполнет со противречности. На пример, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, формирана во 1990 година, тврди дека е наследник на историската ВМРО, вклучително и со тоа што се повикува на конгресите одржани под водство на Иван Михајлов во 1925, 1928 и 1932 година. Партијата дури ги вбројува овие конгреси во својата официјална конгресна нумерација.

Во моментов во Северна Македонија постојат два музеи на македонската борба – во Скопје и во Штип – и двата содржат восочни фигури на Иван Михајлов (Прилог 2). Во 1995 година, скопската издавачка куќа „Менора“ го објави теоретскиот труд на Михајлов „Македонија – Швајцарија на Балканот“ на кодифицираниот македонски јазик од 1945 година (Прилог 3), дело кое првично е објавено во САД во 1950 година на бугарски и англиски јазик (Прилози 4 и 5). Тогаш книгата доби позитивни рецензии од бројни водечки европски политичари и медиуми.

Очигледно е дека Иван Михајлов е позната и призната историска личност во Северна Македонија. Можеме да презентираме стотици страници докази од досиејата на југословенската тајна полиција УДБА, од кои јасно се гледа дека претставниците на демократската опозиција на територијата на денешна Северна Македонија биле прогонувани и ликвидирани како следбеници на Иван Михајлов. Но додека државата промовира избрани елементи од неговото наследство, таа продолжува строго да ги казнува оние што го цитираат јавно или ги споделуваат документите на историската ВМРО на оригинален бугарски јазик. Сите конгресни документи на ВМРО од 1893 година наваму се напишани на книжовен бугарски јазик и населението на Македонија во нив е именувано како Бугари, а не како етнички Македонци. Денес, признавањето на тие факти е криминализирано, а слободата на изразување во Северна Македонија е сериозно ограничена.

Во светлината на овие настани, повторно апелираме до европските институции да го преиспитаат својот однос кон случајот со Љупчо Ѓоргиевски и да ги заштитат неговите основни права. Судската одлука претставува повреда на член 10 од Европската конвенција за човекови права. Држава која систематски ја ограничува слободата на изразување и ја фалсификува историјата нема место во Европската Унија, доколку не се реформира и не се откаже од своето тоталитарно минато.

Ги повикуваме институциите на ЕУ, одговорни за владеењето на правото, демократијата и проширувањето, внимателно да ги следат политичките процеси во Северна Македонија и да разгледаат можност за санкционирање на функционери кои ги кршат човековите права и шират омраза кон локалната бугарска заедница.

Со почит,

Сопретседатели:

Проф. д.н. Трендафил Митев

Доцент д.н. Спас Ташев

Илија Стојановски

Секретар:

Димитар М. Димитров

Изразена поддршка од:

Нова политичка емиграција на македонските Бугари, претставувана од г. Благој Шаторов и г. Горан Серафимов

Прилози

Прилог 1 – Дел од судската пресуда К-289/23 против Љупчо Ѓоргиевски, издадена од Основниот суд во Битола, Република Северна Македонија.

Прилог 2 – Восочна фигура на Иван Михајлов во Музејот на македонската борба во Штип.

Прилог 3 – Насловна страница и дел од страница од книгата „Македонија – Швајцарија на Балканот“ од Иван Михајлов, објавена во 1995 година од издавачката куќа „Менора“ од Скопје.

Содржина на цитираниот дел прочитајте ја овде.