Граѓанското здружение БРАВО од Пловдив, Република Бугарија, донираше софистициран подводен дрон на Клубот за подводни дејности „Охрид“ од Охрид, кој треба да помогне во потрагата по бугарскиот нуркач Илија Танчев (52). Танчев исчезна во Охридското Езеро при техничко нуркање на 9 август годинава, над селото Трпејца на длабочина од околу 90 метри, јавува Нова Македонија.
Дронот е со соодветна надградба и дополнителна опрема која може да се вгради, а има капацитет да се спушти на длабочина до 200 метри.
– Ние ќе дадеме се од себе да помогнеме да се пронајде телото на Илија Танчев, без разлика што се работи за екстремни услови и големи длабочини – рече д-р Горан Балевски, претседател на Клубот за подводни дејности „Охрид“.
Според Иван Петлешков од Здружението БРАВО од Пловдив, повод за донацијата е исчезнувањето на Танчев.
– Повод за оваа донација беа информациите кои ги добивме од наш член, адвокат Станислав Станев, за исчезнување на наш сограѓанин од Пловдив Илија Танчев во Охридското Езеро и дека има проблеми да се лоцира неговото тело поради големата длабочина, како и тоа што државата Бугарија не најде начин за пронаоѓање на бугарскиот граѓанин – истакна Петлешков.
Тој истакна дека одлуката да го донираат дронот е проследена со молба и тие да помогнат во пронаоѓањето на исчезнатиот нуркач.
– Единствено потпишавме заеднички меморандум за да имаме формален документ за донацијата, но не поставуваме никакви услови. Како ќе се користи овој подводен дрон оставаме на клубот за подводни дејности „Охрид“ – истакна Петлешков.
Тој посочи дека ова е добар пример и за граѓаните и за политичарите на двете држави како треба да се однесуваат, односно да се насочуваат кон работи кои зближуваат а не раздлеуваат затоа што, како што посочи, сите ние сме луѓе.
Од клубот за подводни дејности „Охрид“, изразија голема благодарност до граѓанското здружение БРАВО за вредната донација која, освен за потрагата по исчезнатиот нуркач, ќе се користи во еколошки и научни цели.
– Овој дрон ќе ни користи и за детектирање на отпад во подлабоки места, кој потоа ќе може да исчистиме. Нашето знаење и искуство како клуб за подводни дејности го ставаме на располагање на ЈНУ „Хидрониолошки завод – Охрид“ за научни истражувања, на ЈП „Охридски Водовод“ и на сите во државата на кои им се потребни, како и секогаш до сега доброволно и бесплатно во интерес на градот Охрид и државата. Такашто ако се барало вистинското место да се донира овој дрон тоа несомнено е Клубот за подводни десјности „Охрид“ кој 40 години го чува Езерото – рече д-р Балевски.
Здружението БРАВО од Пловдив е познато по граѓански иницијативи и хумани активности во земјава и претходно. За време на катастрофата во Кочани на иницијатива на БРАВО организирана беше крводарителска акција на која за кратко време беа собрани над 200 единици крв, а дел од повредените во страотниот пожар што се случи во дискотеката „Пулс“ медицински беа згрижени во Република Бугарија.
Здружението постои три години. Зад себе има голем број хуманитарни, граѓански акции и иницијативи кои се препознаени од граѓаните, за што говори фактот дека иако не е партија, здружението на локалните избори успеа да освои пет советнички места во Пловдив.
– Ние сме втора политичка сила во советот на Пловдив, но наша главна цел е да ги подобриме состојбите во нашиот град и да им да помагаме на граѓаните – истакна Веселин Костов, претседател на Здружението БРАВО.
Во знак на благодарност, членовите на БРАВО од охридските нуркачи добија подводни фотографии од Охридското Езеро.
Членовите на Здружението БРАВО и Клубот за подводни дејности „Охрид“ изразија надеж дека соработката ќе продолжи и ќе се развива и во иднина и ќе биде пример како треба да соработуваат двете држави.























