Претставници на невладини организации на Бугари кои се родени, живеат и се државјани на РС Македонија, се обратија со официјално писмо до сите релевантни институции во земјата, Бугарија, Европа, до амбасадорите на земјите членки на ЕУ, САД и Обединетото Кралство, со повик да не се дозволува бугарската заедница во РС Македонија да стане жртва на политички манипулации и пазар.
Во своето писмо тие го одбиваат наративот дека впишувањето на Бугарите во Уставот е уцена, диктат или препрека за европската иднина на нашата земја. Децидно подвлекуваат дека не се согласуваат со идејата нивните рамни права да бидат со одложено дејство.
Во писмото се наведува уште дека прашањето со правата на Бугарите се користи како нов вид на стигматизација пред очите на јавноста , како тие да се пречка за европската иднина на земјата.
„Тоа не е така и никогаш не било така. Ние Бугарите во РС Македонија сме со јасна позиција дека земјата треба да биде дел од ЕУ како што стана дел од НАТО, и да биде мајка на сите свои граѓани без разлика на нивната етничка припадност.“, стои во писмото.
Претставниците на невладините организации на Бугарите од РС Македонија се децидни дека уставните измени и почетокот на преговорите на РС Македонија се во интерес на сите граѓани.
„Ние одбиваме компромиси со нашите човекови права“, стои во писмото испратено до државниот врв во РС Македонија, државниот врв во Бугарија, претседателите на Европската комисија, Европскиот совет, Европскиот парламент, амбасадорот на ЕУ во РС Македонија, сите амбасадори на земјите членки на ЕУ во РС Македонија, амбасадорот на САД во РС Македонија, амбасадорот на Обединетото Кралство во РС Македонија и раководителот на мисијата на ОБСЕ во РС Македонија.
Во продолжение го објавуваме целосниот текст на писмото:
Ваша Екселенцијо,
Госпоѓо Гордана Сиљановска-Давкова, Претседателка на Република Северна Македонија
Господине Африм Гаши, Претседател на Собранието на Република Северна Македонија
Господине Христијан Мицкоски, Претседател на Владата на Република Северна Македонија
Господине Шарл Мишел, Претседател на Европскиот совет
Госпоѓо Роберта Мецола, Претседател на Европскиот парламент
Госпоѓо Урсула фон дер Лајен, Претседател на Европската комисија
Господине Румен Радев, Претседател на Република Бугарија
Господине Димитар Главчев, Премиер на Република Бугарија
Господине Михалис Рокас, Амбасадор на ЕУ во Република Северна Македонија
Амбасадори на земјите-членки на ЕУ во Република Северна Македонија
Госпоѓо Анџела Агелер, Амбасадор на САД во Република Северна Македонија
Господине Метју Лоусон, Амбасадор на Обединетото кралство во Република Северна Македонија
Господине Килиан Вал, Раководител на мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија
Почитувани дами и господа,
Ние, представниците на невладини организации на Бугари, кои сме родени, живееме, делуваме и сме граѓани на земјата, сакаме да се обратиме кон Вас со следниот повик: Не дозволувајте бугарската заедница во Република Северна Македонија да стане жртва на политички манипулации и пазар.
Преговорите меѓу нашата земја и Бугарија завршија во 2022 г.
Преземените обврски од страна на Република Северна Македонија се веќе дефинирани и се дел од преговарачката рамка. Како што е познато, за да ги започне суштинските преговори со Унијата Република Северна Македонија треба да нѐ запише нас во Уставот на нашата земја. ,
Не можеме да прифатиме нашето впишување во Уставот на Република Северна Македонија да биде нарекувано „уцена“, „диктат“ или „препрека“ за европската иднина на нашата земја. Исто така не сме согласни со идејата нашите рамни права со останатите делови од народи запишани во Уставот на земјата да бидат со „одложено дејство“, доста со одлагањето на нашата рамноправност.
Релевантните бугарски институции и политички чинители повеќе пати истакнале дека Бугарија нема нови барања кон Република Северна Македонија освен оние, кои веќе се дел од преговарачката рамка на земјата. Токму поради тоа, сметаме дека прашањето со правата на Бугарите овде се користи за нов вид на стигматизација на нашата заедница, пред очите на јавноста, како ние да сме пречка за европската иднина на земјата. Тоа не е така и никогаш не било така. Ние Бугарите во Република Северна Македонија сме со јасна позиција дека земјата треба да биде дел од ЕУ, како што стана дел од НАТО и да биде мајка за сите свои граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.
Бараме нашиот глас да биде слушнат и да не се дозволи нашите човекови права да станат заложник на политички или административни процеси.
Уставните измени и почетокот на преговорите на Република Северна Македонија се во интерес на сите граѓани.
Ние одбиваме компромиси со нашите човекови права!
Со почит:
„Балкански коридор“- Кавадарци, „Струмичка петорка“- Струга „Трибуна“- Прилеп Здружение„Балкански Мост“ -Битола, Здружение „Една роза“-Битола
Здружение за македонско-бугарско пријателство-Битола, Здружение „Шемето“
Здружение на Бугарите „Југ“-Прилеп, Здружение „Дело“-Скопје, „Балкански Хоризонти“- Охрид
„Бисерни бранови“- Охрид, Здружение „Коридор 8“- Скопје