По објавениот документ од тајландското Министерство за здравство за ефикасноста на кинеската вакцина „Синовак“, здравствените работници бараат втората доза што ќе ја добијат да биде mRNA, односно вакцината на „Фајзер“ / „Бионтек“, пишува Си-ен-ен.

Тајландските медиуми објавија интерен документ, а тајландскиот министер за здравство, Анутин Чарнвиракул, потврди дека станува збор за автентичен материјал.

Друг висок здравствен службеник, Опас Карнкавинпонг, им изјави на новинарите дека документот не е автентичен – спротивно на изјавата на министерот.

Имено, неименуван службеник во документот наведува дека на здравствените работници не треба да им се дава вакцината на „Фајзер“ / „Бионтек“ како втора доза откако ќе се вакцинираат со прва доза од „Синовак“ бидејќи, како што вели, тоа би било признание дека кинеската вакцина не е ефикасна.

Коментарот во наведениот документ ги поттикна здравствените работници, но и високите медицински службеници како втора доза да ја побараат вакцината на „Фајзер“ / „Бионтек“.

Хаштагот преведен од тајландски „Дајте ‘Фајзер’ за медицинскиот персонал“ е објавен на „Твитер“ во повеќе од 624.000 твитови.

Тајланд набави 20 милиони дози „Фајзер“ / „Бионтек“ и ќе добие 1,5 милиони дози донирани од САД.

Експертите од Светската здравствена организација утврдија дека вакцината „Синовак“ ефикасно спречува инфекција кај возрасни лица на возраст под 60 години, но исто така предупредија дека нема доволно квалитетни податоци за ризикот од сериозни негативни ефекти.