Фава гравот познат како боб е кралот меѓу останатите видови грав, а неговиот вкус е многу посладок и побогат. Со оглед дека популарноста на бобот во последно време расте, една од причините зошто не е редовен производ во кујните на многумина е дека тешко се лупи. Затоа ви откриваме неколку корисни совети како да си ја олесните работата.
Боб гравот кога е во мешунка изгледа како крупен сладок грашок, а треба да се избегнуваат мешунки кои се испакнати, бидејќи тие се стари плодови и имаат горчлив вкус. Освен тоа бобот се лупи два пати, што значи за подготовка на оброк ќе треба да купите количински многу повеќе отколку што планиравте. Имено отприлика 450 г нелупен боб, по лупење ќе даде околу една третина чаша зрна.
Разни комбинации
Бобот во медитеранската исхрана традиционално се користи во подготовката на јадења поради одличниот нутритевен состав и единствен вкус. Билката на боб гравот е висока меѓу половина до 1,7 метар и има долги зелени листови и бели цветови. На 100 г боб има 88 калории, што е нешто повеќе од просекот кога станува збор за зелнчук. Од тоа 17,6 отсто се јаглехидрати а 0,7 отсто масти. Бобот во себе има бројни хранливи состојки кои благотворно делуваат на организмот. Одлично се комбинира со разни салати, но и тестенини и њоки, а најдобар е со шпаргли и рукола. Имено дневната порција боб ги задоволува дневните потреби на организмот за влакна, а телото го обезбедува со железо, магнезиум, манган, фосфор и тијамин. Кога станува збор за боб грав, нема страв од холестерол ни од заситени масни киселини, бидејќи ги содржи во многу мали вредности, а во комбинација со житарки, јаткаст плодови или семки е одличен извор на растителни протеини.
Бобот може да се купи свеж, сушен, замрзнат или конзервиран. По купувањето свеж боб не треба долго да го чувате туку да го зготвите и изедете додека е свеж. Мешунките на бобот треба да имаат свежа изразито зелена боја, да се крцкави и лесно да пукаат кога ќе ги превиткате на пола. Никако не смеат да се овенати или меки, а секако треба да го избегнувате бобот чии мешунки имаат црни дамки и знаци на сушење или мувла.
Како се лупи
Прво гравот извадете го од мешунките, така што прстот ќе го вовлечете по работ на мешунката која ќе се отвори и ќе ви овозможи да ги извадите зрната, баш како да вадите грашок. Во една мешунка обично има 4-5 плодови.
Ќе забележите како бобот има дебел бел слој, кој исто така треба да го излупите. Некои тврдат дека тој слој не треба да се лупи и дека може така да го сварите, други сметаат дека лупењето на тој бел слој му дава на бобот посебен и подобар вкус. Како и да е, вообичаено е дебелиот бел слој да се излупи.
За негово отстранување постојат две методи. Првиот е со ноже да направите мал рез по работ на зрното, па да го извадите од обвивката. Вториот метод е да го ставите гравот во врела посолена вода триесеттина секунди. По пола минута извадете го од вода и полејте го со мраз студена вода за да го запрете процесот на варење. Овој метод ја омекнува обвивката и ќе овозможи полесно и поедноставно да ја отстраните.