Второто шестмесечно одложување на кредитните обврски завршува утре. Граѓаните и фирмите кои решија да го одложат враќањето на кредитите поради финансискиот удар што го нанесува корона-кризата, од први април ќе треба да продолжат со редовното плаќање на обврските. Од Банкарската асоцијација за Алсат велат дека драстично е помал бројот на граѓани кои ја искористиле можноста вторпат да добијат одложување.
„За разлика од првата одлука за одложено плаќање која ја искористија речиси 70 осто од вкупниот број на граѓани, сега бројот е околу 7,4 проценти со тоа што голем број на граѓани во текот на одложеното плаќање решија да почнат да ги исплаќаат кредитните обврски“, велат од Асоцијацијата на банки.
– Advertisement –
Одложеното плаќање беше мерка донесена претходната година. Првото одложување почна од 1 април и траеше до 30 септември. Важеше за сите кои доброволно сакаа да го одложат враќањето на земените кредити. Второто одложување започна од 1 октомври, но со променети услови. Имено, банките бараа да се исполнат одредени критериуми за да може на заинтересираните да им одобрат ново шестмесечно одложување. Она што сега граѓаните и фирмите треба да го имаат во предвид е дека со стартот на редовното плаќање ќе им стига повисока рата затоа што во неа ќе биде вклучена и каматата од месеците во кои не се плаќаше ништо.
Андреа Чобанова