Во Вашингтон заврши првиот дел од Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД во кој досега се одржаа неколку сесии на кои беа отворени темите од интерес за соработка меѓу двете земји.
По воведните обраќања на шефовите на делегациите, Бујар Османи и Карен Донфрид, се одржаа и панелите за Регионалните иницијативи, Поврзувањето на граѓаните, Безбедноста и одбраната, како и панелот за Енергетика и животна средина. Соодветно на темите и областите кои ги покриваат панелите, покрај министерот Османи, свои излагања имаа и министрите за одбрана Славјанка Петровска, за економија Крешник Бектеши и за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, соопшти МНР.
Во рамките на дијалогот беше направен преглед на состојбите и напредокот на земјата по сите теми, како и улогата и поддршката која САД ја обезбедуваат во сите области од взаемен интерес. Беа усогласени голем број теми, кои по завршувањето на дијалогот ќе станат дел од заедничката декларација меѓу Северна Македонија и САД.
Во вториот дел од дијалогот што следи ќе се одржат панелите за Владеење на право и Добро владеење, Трговија и инвестиции. Се очекува биде направен и пресек на билатералната соработка. Покрај присутните министри, преку видео конференциска врска ќе се вклучи и заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД претставува надградба на стратешкото партнерство меѓу двете земји и отвора ново поглавје во билатералните односи, како и конкретно врамување и дефинирање на соработката во периодот што следи.