За Новак Ѓоковиќ и уште 960 тенисери, тенисери, тренери и членови на тимовите како и официјални лица, денеска беше последен ден од задолжителниот 14-дневен карантин.
Од денеска првата група на тенисери и тенисерки кои пристигнаа во Австралија пред настапот на првиот годинешен грен слем турнир, е „слободна“ бидејќи и заврши задолжителниот карантин.
Австралиската влада им дозволи на тенисерите и тенисерките кои пред две недели допатуваа во Мелбурн и Аделаида, повеќе да не мора да бидат во задолжителен и „биолошки безбеден“ карантин.
Ова значи дека првата група на тенисери, тенисерки, тренери и официјални лица која ја брои 960 луѓе, доби дозвола во Мелбурн во 18 часот по локално време да излезе од карантин, а дел од оваа група се и најдобрите тројца тенисери на АТП ранг листата, Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Доминик Тим кои карантинот го одработија во Аделаида каде ќе настапат на егзибициски турнир.
Излегувањето од карантин значи дека тенисерите и тенисерките слободно може да се движат низ Мелбурн и Аделаида под услов да се придржуваат до мерките кои ги пропиша владата на Австралија.
Втората група на тенисери и тенисерки која подоцна пристигна во Австралија ќе мора да остане во карантин до крајот на претстојниот викенд.
Во Австралија веќе 11. дена не е забележан позитивен случај на коронавирус, додека нови случаи има само кај лицата кои допатувале од странство.