Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска е во работна посета на Општина Ресен. Во рамки на посетата, таа оствари средби со градоначалникот Јован Тозиевски, членовите на Советот на општината и со граѓаните на Ресен.
Тие ја запознаа со локалните проблеми, а особено беше нагласено прашањето за миграцијата и одливот на младите од Ресен и Преспанскиот регион. Се акцентираше и важноста на проектот „ЕУ за Преспа“, преку кој се вложуваат значителни средства за развој на Ресен, една од општините којашто има најголем бенефит од европските фондови.
Во непосредниот разговор со граѓаните, Сиљановска-Давкова ги сослуша забелешките и предлозите за секојдневните економски, инфраструктурни и социјални прашања, потенцирајќи дека активниот дијалог со граѓаните претставува темел на одговорното и транспарентно владеење.
Претседателката ќе посети и неколку културни институции, како и производствениот погон Свисслион Агроплод – Ресен. Со тоа се нагласува значењето на културната традиција и поттикнувањето на економската активност како двигател на локалниот развој.
Попладневниот дел е посветен на дебата со претставници на невладини организации, на локални и национални институции, со фокус на еколошките предизвици и зачувувањето на Преспанското Езеро како природно и национално богатство.
Текстот „Заштитата на Преспанското Езеро треба да биде највисок приоритет“: Сиљановска-Давкова во посета на Ресен е превземен од МАКФАКС.























