Како значаен чекор кон подобрување на квалитетот на воздухот и промоција на одржливиот урбан развој, Општина Тетово, во партнерство со проектот „ЕУ за чист воздух’, започна иницијатива за засадување на 946 дрвја внимателно избрани дрвја во урбаните делови на Тетово. Оваа активност за зазеленување има за цел да го зголеми зелениот простор, да го подобри квалитетот на воздухот и да го намали јаглеродниот отпечаток на градот. Иницијативата за засадување на дрвја исто така ќе помогне во ублажување на ефектите од индустриското загадување и урбанизацијата и ќе придонесе кон глобалните напори против климатските промени.
“Како дел од проектот на Европската унија за чист воздух, оваа иницијатива е повеќе од програма. Tоа е ветување за нас и за идните генерации. Проектот вклучува широк спектар на активности кои ќе ја трансформираат нашата животна средина и начинот на кој се однесуваме кон неа. Промената на системите за греење ќе помогне во намалување на штетните емисии, носејќи ни почист и посвеж воздух. Садењето на 946 дрвја, почнувајќи од денеска со 146 дрвја од видот Betula pendula (бела бреза), ќе донесе видлива промена во нашиот урбан пејзаж Секое дрво што го садиме е инвестиција во нашето здравје и чекор кон создавање на побогат и повитален екосистем.,“ изјави Билал Касами градоначалник на Тетово.
Со 10 милиони евра ЕУ го финанасира тригодишниот проект „ЕУ за чист воздух“, кој има за цел да ги намали емисиите на загадувачи и честички во Тетово, Скопје, Битола и Куманово—градови најмногу погодени од загадувањето на воздухот во државата. Освен засадувањето на околу 1.000 дрвја, проектот во Тетово ќе ги зајакне капацитетите за мониторинг на квалитетот на воздухот и ќе го поддржи преминот на системите за греење во јавните објекти што го загадуваат воздухот кон почисти извори на енергија.
Претставникот на Делегацијата на ЕУ, Штефен Худолин, раководител на секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, ја истакна важноста на иницијативата: „Денешната иницијатива за засадување дрвја во Тетово е витален чекор кон подобрување на квалитетот на воздухот и создавање поздрави услови за живот за заедницата. Оваа активност е во согласност со целта на Европскиот зелен договор за градење одржлива, зелена иднина. Со поддршка на локалните акции како оваа, ЕУ ја потврдува својата заложба за намалување на загадувањето на воздухот, подобрување на јавното здравје и промовирање почиста животна средина. Заедно можеме да создадеме трајни промени кои ќе имаат придобивки и за луѓето и за планетата.“
Проектот се спроведува од Канцеларијата на Обединетите Нации за проекти (УНОПС) во тесна соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и избраните општини. Пред засадувањето на дрвјата, Градот Тетово и УНОПС потпишаа Меморандум за разбирање, со кој се формализира нивната соработка во рамките на проектот ЕУ за чист воздух.
„Денес го означуваме почетокот на партнерството помеѓу УНОПС, ЕУ и Општина Тетово, со кое ќе се засадат речиси 1.000 дрвја оваа есен, ќе инсталираме поеколошки извори на енергија за системите за греење во Клиничкиот центар во Тетово, што ќе придонесе за намалување на штетните емисии на ПМ10 и ПМ2.5 за 98%, и ќе се надгради станицата за мониторинг на квалитетот на воздухот во Тетово со нова опрема за мерење на загадувачи кои досега не беа мерени во земјата,“ изјави Микела Телатин, претставник на УНОПС во Северна Македонија.
Во наредните месеци, соработката преку проектот ЕУ за чист воздух ќе се интензивира, со подготовки за подобрување на системите за греење во јавните објекти кои придонесуваат за загадување на воздухот. Овие системи ќе се префрлат од нафта на компримиран природен гас, што дополнително ќе ги намали штетните емисии во Тетово.