Евгенија Здравевска (27), позната под уметничкото име Зарина Првасевда, е демирхисарко „дете“, а живее во Скопје. Талентот за пеење го наследила како супермикс од двајцата родители. Вели дека татко ѝ имал среќа и склоп на околности да може да го оди патот на музиката, додека мајка ѝ, иако никогаш не се занимавала со музика, е екстремно музикална и талентирана за пеење, и секогаш ѝ била домашен бесплатен џубокс, една од нејзините најголеми поттикнувачи, инспирации и мотиви за ова што Зарина Првасевда е денес.

Гласот, вели Зарина Првасевда, за среќа или несреќа не го школувала институционално, но верува дека за музиката со која сака да го помине животот, најголемото училиште е на село, на нива, на улица, во природа, учење со преслушување од големите мајстори кои ни претходеле…

– Вистински се трудам таму да не отсуствувам од наставата, но тоа не значи дека идејата за академија не ми паѓа на памет – објаснува Зарина во разговорот за „Женски печат“.

Присутна сум секаде каде што ми е срцето, а несомнено овој тип музика бара постојан контакт со изворот, физички и духовно, па бидувајќи таму јас само го следам патот. Фото Ѓорѓи Вацев

Како и кога одлучи да станеш Зарина Првасевда?

– Зарина настана сосема случајно и спонтано пред околу две години. Денес, одговарајќи на овие прашања и листајќи по фолдерите на мозочниве виуги, согласно со тоа како се одвиваа сите текови, сепак не би рекла дека тоа било моја одлука, туку на некоја друга сила, која ме земала за медиум и искрено, сакам да верувам во тоа.

Често твојот глас одекнува од природата, од планините. Како ја доживуваш врската жена – планина?

– Врската со планината и природата е нешто што верувам би требале да го гледаме како есенцијално во однос на човековото битие. Природата е лек и учител. Не сум сигурна дали е коректно и дали можам да ѝ дадам полова диференцијација на таа релација, бидејќи базата е природа – човек. Но, сплетот на истовремено сила и нежност, широчина и раскош, се дефинитивно епитети кои достојно прилегаат на жената.

Фото – Ѓорѓи Вацев

Насочена си кон традиционалната песна, етното, чалгиите, старите македонски песни, од друга страна, ги посетуваш селата, разговараш со селаните…, колку традицијата останува да живее во Македонија и што е тоа што најмногу те возбудува во врска со традицијата?

– Токму така. Како што и напоменав, присутна сум секаде онаму каде што ми е срцето, а несомнено овој тип на музика бара постојан контакт со изворот, физички и духовно, па бидувајќи таму јас само го следам патот. Македонија е лулка и бунар на традиции, обичаи, фолкор, песни, обреди…, а за мене ова е повеќе од возбуда. Колку ќе живее сè ова, зависи од мене и од вас, колку доследно и сериозно ќе пристапуваме и работиме на него, колку внимание и љубов ќе му дадеме сега и што од тоа ќе пренесеме и оставиме во наследство на генерациите што следат.

Слушатели ти се и млади и возрасни, што научи на пример, од средбата со баба Трендафиља, и кои средби со твоите слушатели ти оставиле голем впечаток и некаква поука?

–  Луѓето ми се една од најголемите инспирации. Возрасните затоа што од нивното време сè уште црпам информации за еден друг тип на живот, со кого, за жал, ние не успеавме да дојдеме во контакт, а пак децата во однос на чистината на безусловноста на давањето и текот на емоцијата сама по себе. Средбата со баба Филка беше вистински емотивна. Си ги разголивме душите и си ги пуштивме емоциите да ни патуваат низ времето и просторот. Секој човек кого го запознавам носи своја лекција и поука. Баба Филка конкретно е пример за човек кому песната што ја носи во срцето издржала многу битки, разделби, радости и животни борби, а сепак, останала свежа и будна во својот полн ек. Дополнително, таа е пример за живеење млад што подолго. Фактот дека ме контактираше на социјалните мрежи и дека успеа во намерата да се видиме дури среде пандемија, тоа како таа изгледа и колку енергично живее, а има повеќе од 80 години, е одличен пример за следење.

Го подготвуваш својот прв албум, по излегувањето на првата песна, што се случува со другите песни, дали се „на пат“? Спомна и повеќе познати имиња што ќе бидат дел од албумот, кои? Како се одвива соработката?

– Така е. Албумот е готов и работиме на деталите. На моја огромна чест и радост, имав среќа да го работам со екипа од соништата, па така тука ќе ги споменам Васил Хаџиманов, Исмаил Лумановски, Благојче Трајковски, Александар Петров, Ратко Даутовски, Дарко Фурнаџиски, Газменд Бериша, Филип Михајловски, Оливер Јосифовски, Гоце Димовски, потоа Оливие Самулен (Франција), Мануел де Кок (Франција), а се снимаше во студио „Подрумот“ кај Ангел Ќосев.

Како и сè останато во однос на Зарина, сè се одвиваше апсолутно спонтано, луѓето доаѓаа како благослов еден по еден. Што друго да кажам, освен да се заблагодарам на силата што ме носи на патот, на луѓето кои за време на овој проект и пред него веруваат во мене, ме бодрат и мотивираат и се мелем на сите мои рани и битки кои со себе ги носам, бидувајќи пред сè човек, па музичар, оние кои со мене ја делат својата креативност и идеја, оние кои ми пришле со љубов и чиста мисла и ми го облагородиле патот за да можам со уште посилен интензитет да го делам она што ми е предодредено за овој живот. Нè очекува многу музика и едвај чекам да ја споделам.

Албумот е готов и работиме на деталите. Фото – Соња Ставрова

На која наша вокалистка ѝ се восхитуваш и зошто, со кого би сакала да запееш во дует?

– Се восхитувам на многу наши вокали и музичари, во и надвор од стилот со кој јас се занимавам, да не заборавиме дека ние, во Македонија, сме рудник на музички таленти. Но, би снимала дует со Тања Царовска, вокал на кој се восхитувам во однос на раскошот и слободата, моќта и можностите, како и на искуствата и успесите што ги има постигнато во однос на афирмацијата на Македонија во светот. Дефинитивно има што да слушам и учам од неа. И притоа, ова воопшто не е невозможно со оглед на тоа дека се познаваме и се чини дека со прашањево ни отворивте една идеја плус и благодарам за тоа.

Колку државата, но и медиумите како промотори, вложуваат во вистинските културни вредности?

– Ако го земете во предвид односот на системот кон музичарите генерално за време на пандемијава, во однос моралната поддршка но и на финансиската поткрепа особено на оној дел фелата кои не сме во редовен работен однос, а притоа бавењето со овој тип на работа бара вистински материјални и временски влогови, мислам дека ќе дојдеме до најсуштинскиот оговор на ова прашање за вреднувањето на оваа работа. Но и бездруго, мислам дека сме многу далеку во однос на свеста за сериозноста во пристапувањето конкретно кон традиционалната музика, јазикот и фолклорот во држвавава и нејзиното значење како и насушната потреба за истатите за опстанокот на еден народ. Но, не смееме да се обесхрабруваме, напротив..со многу труд сета таа ситуација да не влијае врз креативната мисла и целите, она што нам ни преостанува е борбата и неоткажувањето од идејата, многу надеж и несомнено, многу работа.

насловна фотографија – Светислав Подлешанов