Ако Економско социјалниот совет не ги прифати барањата минималната плата да се зголеми на 18.000 денари и скалесто да пораснат и другите плати, како и да се обезбеди К-15 за сите вработени во јавниот сектор, Сојузот на синдикатите на Македонија ќе организира генерален штрајк, а со претходна најава ќе блокира сообраќајници и фабрики.
Ова е една од одлуките што ја донесе најголемиот синдикален сојуз во државата, денеска пред седиштето на Организацијата на работодавачи на Македонија, која е сместена во зградата на Стопанската комора во строгиот центар на Скопје.
-И тука нема назад. Јавно кажувам пред целиот македонски народ дека од ова нема отстапка. Не дека ние не сакаме. Тоа го кажува економската, ковид и енергетска криза. Сè поскапе, а ние немаме ни да си ги прехраниме децата. Зарем мислите дека 20.000 денари е добра плата? Не е. Затоа, работодавачи, како што ги потпишавте колективните договори, како што учествувавте во нивната изработка, почитувајте ги, рече претседателот на ССМ Дарко Димовски.
На денешниот предупредувачки протест, најпрометните скопска сообраќајница беше блокирана речиси еден час од гневните синдикалци кои извикуваа „лопови, лопови“.