Во Израел е откриен 41 случај на индиската мутација на коронавирусот, од кои четири лица биле претходно вакцинирани, соопшти денеска израелското Министерство за здравство.

Од вкупниот број на заразени, 24 се вратиле од странство, а 17 се инфицирале во земјата. Меѓу заразените има и пет деца.

Постои стравување дека мутацијата би можела да биде делумно резистентна на вакцините против Ковид-19, поради што високи претставници на Министерството за здравство побарале од Владата да им забрани на Израелците да патуваат во Индија, апелирајќи да се спречат и пристигнувањата од Индија, освен во исклучителни ситуации.

Повеќето од заразените допатувале во Израел од Индија, а некои влегле од други земји. Сите патници при пристигнувањето приложиле доказ дека се негативни на Ковид-19.

Министерството за здравство наведува дека се уште нема јасни информации за последиците од индиската мутација врз вакцинираните лица или луѓето кои оздравеле од коронавирусот.