Општина Кисела Вода започнува со исплатата на еднократната финансиска помош за пензионерите со ниски примања. Веќе од утре, 1.388 пензионери ќе добијат по 2.500 денари директно на своите сметки, како дел од првата тура од вкупната поддршка која ќе опфати над 3.200 пензионери. Станува збор за жители на општината кои се приматели на старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија, а чии месечни примања не надминуваат 22.640 денари, соопшти општината.
„Оваа мерка, која општината ја реализира со цел да го подобри животниот стандард на повозрасната популација, покрај директната финансиска помош, го вклучува и покривањето на персоналниот данок.
Во наредните денови следува и втората тура, кога финансиска поддршка ќе добијат уште над 1.800 пензионери“.
Целата мерка, како што појаснува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, претставува израз на почит и грижа кон највозрасните сограѓани, кои со својот труд и придонес ги поставиле темелите на општеството.
-Нашите највозрасни сограѓани се столбот на државата и нашето општество. Со почит кон нивниот труд и животен придонес, продолжуваме да градиме заедница во која секој е вреднуван и поддржан. Денес ги потпишав налозите со кои доделуваме финансиска поддршка на пензионерите со ниски примања, а веќе утре во текот на денот парите ќе бидат префрлени на нивните сметки. Со оваа мерка, финансиска помош добиваат пензионерите кои се приматели на старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија кои се жители на општина Кисела Вода, а чии примања не надминуваат 22.640 денари. Секој од нив добива финансиска помош од 2500 денари, а општината дополнително го покрива персоналниот данок кој не е пресметан во овие средства.
Ова е првата тура од исплатата, додека пак втората, повеќе од 1800 пензионери во текот на следните денови ќе ја добијат ветената еднократна финансиска помош. Тоа се повеќе од 3200 пензионери кои добиваат финансиска поддршка! Оваа мерка е уште еден чекор во нашата континуирана грижа за повозрасните жители, за нашите родители, баби и дедовци, со која покажуваме дека не се заборавени. Сето ова е резултат на нашата посветеност да создадеме општество во кое секој пензионер ќе има подобар квалитет на живот. Да сте здрави и живи и со здравје да си ги трошите-изјави Ѓорѓиевски.
Текстот Започнува исплатата на финансиска помош за 1388 пензионери од Кисела Вода е превземен од МАКФАКС.