Со претставата „12“, во режија на Синиша Евтимов, на Македонскиот народен театар, вечерва во 20 часот во големата сала на Центарот за културата „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворено 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Организаторите велат дека голем интерес за фестивалот покажува прилепската публика и годинава, што се докажува и со фактот дека неколку претстави и пред почетокот на фестивалот се веќе распродадени.
На изведбата на актерите од МНТ, ќе претходи доделување на наградите за животно дело Соња Михајлова, Снежана Коневски-Руси и Гоце Тодоровски. На свеченото отворање ќе се обратат Ана Стојаноска, уметнички директор и селектор на програмата, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.
Девет претстави во официјална селекција, четири во независна програма и една во придружна се селектирани за програмата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе трае до 13 јуни под мотото „Смеј се и осмели се“.
„59.издание на фестивалот е спремно, внимателно спакувано, прецизно креирано со огромна љубов и почит кон сите учесници и гости. Во духот на мотото на фестивалот и се смеевме и осмелувавме низ предизвиците во текот на оваа година, но како тим покажавме и покажуваме, заедно со градот и целата поддршка од Министерството за култура и туризам и општествено-одговорните компании, дека Прилеп е единственото место за достојно да се слави театарската уметност. Посебна љубов кон целата публика која постојано покажува зошто е тоа така“, изјави Стојаноска.
За фестивалските награди и годинава ќе одлучува меѓународно жири, во состав: Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија.
На програмата повторно ќе бидат детската зона, промоции на книги, разговори на тркалезна маса. Годинава, наместо досегашната платформа „Автор во фокус“ во која се славеше опусот на еден значаен автор за македонскиот театар, годинава ќе биде ставен фокусот на тројца мошне значајни театарски дејци од Прилеп. Тоа се: актерот и долгогодишен директор на нашиот фестивал Кирил Ристоски, актерот Благоја Спиркоски Џумерко и драмскиот автор и писател Благоја Ристески Платнар.
Новина е програмата „Драмолетање“, односно пичинг на кој неколкумина драмски автори ќе ги претстават своите дела. На тој начин фестивалот се труди да го поттикне домашното драмско творештво, но и поставување на истото на театарските сцени.
Фестивалот ќе биде затворен на 13 јуни со „Вистината“ на Театар Комедија.