Започна санирањето на републичкиот пат III-106 до бугарскиот граничен премин „Логодаж“ на границата со Северна Македонија. Ова го соопшти директорот на Регионалната управа за патишта Иван Кунев. „Санирањето е превентивно и е поврзано со лошата состојба на патот и реновирањето на граничниот премин“, појасни Кунев, јавува Пиринско, пренесува Трибуна.

Ремонтните работи опфаќаат целосно асфалтирање на целата делница од клучката кај автопатот Струма пред селото Зелен Дол до самиот граничен премин со Република Северна Македонија. Санирањето на патот се очекува да заврши до средината на септември.

Средствата за поправките се од програмата за тековни поправки на Агенцијата за патна инфраструктура. Во делницата е воведена и привремена организација која е регистрирана и одобрена од надлежните органи на Сообраќајната полиција – „Патна полиција“ и Агенцијата „Патна инфраструктура“.