Тутунопроизводителите започнаа со бербата на тутунот. Годинава со откупувачите е договорено производство од околу 26 400 тони, што е повеќе од лани и повторно се очекува добра година.

Минатата година беа зголемени и површините на засаден тутун, за 1453 хектари, а бројот на нови договори со тутунарите беше зголемен за 1.800 договори.

Во 2022 година за првпат немаше протести и револт кај овие земјоделци бидејќи беше постигната рекордна откупна цена од 290 денари за килограм тутун и околу 80 проценти од предадениот тутун беше проценет како прва класа.

На околу 16 000 тутунари за ланскиот род им беа префрлени 26 милиони евра на име субвенции. Висината на директните плаќања изнесуваше 80 денари по килограм за прва класа произведен и предаден тутун, 70 денари во втора класа и 60 денари за трета класа од реколтата 2022 година.

Вкупната вредност на предадениот тутун изнесуваше околу 100 милиони евра.

Министерот Љупчо Николовски на прес конференција истакна дека ваквиот успех на квалитетот, зголемената откупна цена и потпишаните договори се должи на политиките, мерките и моделот на субвенционирање на Министерството во изминатите години.

-Имавме година и со одличен квалитет на тутун, што исто така е резултат на развојниот модел на субвенции, којшто храбро го донесовме 2018 година. Тоа придонесе 80 проценти од тутунот од реколтата од 2022 година да биде произведен по квалитет од прва класа. Тоа е историски успех и за тутунопроизводителите, посочи на тогашната прес конференција Николовски.

Според претседателот на Сојузот на земјоделските здруженија, Менде Стомнарoски, тутунопроизводителите ги очекува добра производна година, иако се многу зависи и од временските услови.

-Очекуваме цените да се зголемат, да стигнеме до реални исплатливи цени за одржливот на тутунопроизводството. Само исплатливоста може да ги привлече помладите генерации да го садат тутунот за да не остане само повозрасните да се занимаваат со тутунопроизводството, изјави Стомнароски при садењето на годинашната реколта на тутун.