Царинските службеници на влез во државата на граничен премин Богородица спречија обид за криумчарење на околу 18 килограми сребрен накит и 180 парфеми од 100 милилитри со вкупна вредност од 1,18 милиони денари. Против едно лице, косовски државјанин е поднесена и изречена пресуда од надлежен суд. Сребрениот накит и парфемите се откриени при контрола на автомобилот со кој сторителот патувал со својот брачен другар. При извршената контрола, во просторот за резервна гума биле пронајдени 180 машки и женски парфеми, додека во фабричка празнина позади задното седиште и просторот за резервна гума, како и во десната странична фабричка празнина на багажникот биле пронајдени вкупно 26 пакетчиња со вкупно близу 18 килограми сребрен накит (нараквици, обетки, синџирчиња, приврзоци и прстени), соопшти Царинската управа.

„Откриени шест дела на повреда на право на интелектуална сопственост, при што запленети се 1852 парчиња облека, обувки со потписот на Валентино, Прада како и играчки Мерцедес:

– Царински службеници на влез во државата на граничен премин Дојран открија три дела на повреда на право на интелектуална сопственост, при што запленети се 789 парчиња облека најголемиот дел со потписот на Валентино и 80 парчиња патики со потписот на Прада и Келвин Клајн.

– Мобилен тим заплени 770 парчиња тренерки со потписот на ОYSHO поради сомневање за повреда на право од интелектуална сопственост. Случајот е откриен на царинска испостава Скопје 4 при преглед на стока за увозно царинење.

– Мобилен тим заплени 93 сета детски коли Мерцедес, со вредност од 301,7 илјади денари поради основано сомневање за повреда на право од интелектуална сопственост. Случајот е откриен при преглед на стока пријавена за увозно царинење во царинска испостава Тетово.

– Во друг случај мобилен тим заплени и 120 парчиња играчки со лого на заштитени трговски марки кои се откриени при преглед на стока за увозно царинење во Царинска испостава Скопје 3.

Царинските службеници и мобилен тим на граничен премин Дојран и на граничен премин Богородица, во три случаи спречија и шверц на близу 300 парчиња облека.

27 штеки цигари без акцизни маркички се пронајдени при контрола на два камиони-кипери со македонски регистарски таблички, пријавени за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Цигарите се пронајдени во кабините, во фабричка празнина зад возачкото седиште како и под конструкцијата на креветот.

Алуминиумски бандажи и фарови за товарно возило се пронајдени во товарно возило со норвешки регистарски таблички, управуван од македонски државјанин на граничен премин Ново Село.
Македонски државјанин се обидел да шверцува осум делови за товарни возила кои се пронајдени во багажникот на автомобил со македонски регистарски таблички со кој македонски државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.

Три машини и две маси за пекарска индустрија се пронајдени во товарниот дел на товарно комбе со кое македонски државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Ново Село.
Запленети 43 маси откако мобилен царински тим при контрола на стока пријавена за увозно царинење во царинската испостава Блаце, утврди дека истите не биле опфатени со царински документи.
Во друг случај мобилен тим, во царински склад, при контрола на стока пријавена за увозно царинење, откри 13 парчиња употребувани кујнски апарати кои не биле пријавени со царинските декларации“, информираат надлежните.

Текстот Запленети 18 килограми сребро, парчиња облека, обувки и играчки со потпис на заштитени трговски марки е превземен од МАКФАКС.