Западноевропските сили го предупредија Иран дека треба да се согласи на заживување на меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година, по неколкумесечниот застој во преговорите, бидејќи понудата што сега е на маса е најдоброто што Техеран може да го добие.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, кој претседаваше со долготрајните преговори во Виена за заживување на нуклеарниот договор, денеска на Твитер напиша дека „сега е време да се одлучи дали да се спаси иранскиот нуклеарен договор“.
Борел изјави дека „просторот за дополнителни значајни компромиси е исцрпен“ и додаде дека „не гледа друга сеопфатна или ефикасна алтернатива“.
„Доколку договорот биде отфрлен, ризикуваме опасна нуклеарна криза, која би била проследена со зголемена изолација на Иран и неговиот народ. Наша заедничка одговорност е да постигнеме договор“, напиша Борел на Твитер.
Шефицата на француската дипломатија, Кетрин Колона, изјави дека враќањето кон целосното почитување на договорот е „сè уште можно“, но дека „е потребен позитивен одговор од Иран, што е можно поскоро“.
Ставовите на Борел и Колона ја одразуваат зголемената загриженост на Западот дека истекува времето за спас на договорот, делумно поради приближувањето на конгресните избори во САД во ноември.
Иран во 2015 година склучи договор со шест светски сили (САД, Франција, Германија, Велика Британија, Русија и Кина), во кој се согласи значително да го ограничи збогатувањето ураниум во замена за укинување на економските санкции. Меѓутоа, во 2018 година, тогашниот американски претседател Доналд Трамп (Трамп) унилатерално ги повлече САД од договорот и повторно воведе строги санкции кон Техеран.
Техеран потоа почна да користи напредни центрифуги, забранети со договорот, и брзо да ги зголемува своите резерви збогатен ураниум.
Преговорите во Виена за заживување на договорот и враќање на САД во нејзините рамки се во застој од април. Ниту минатомесечните преговори во Катар не донесоа значителен напредок.