Занаетчиска комора на Република Северна Македонија е загрижена поради доцнењето на петтиот пакет мерки кои треба да бидат соопштени во следните денови. Како што велат од таму, тие бараат финанска помош од државата за занаетчиите за исплаќање на плата до април.

Доколку ова не се случи, занаетчиите се веќе препуштени сами на себе и друг излез не гледаат освен затворање на своите дуќани. Паушално оданочените занаетчии исто како и фискализираните занаетчии се во тешка ситуација, велат од комората.

Според нивните истражувања и анкети, 90 проценти од занаетчиите моментално ги одржува само дадената минимална плата од страна на Владата во претходните месеци.

-Потребно е сите мерки што ги испративме до Владата и надлежните министерства да се земат предвид. Само за информација, паушално оданочените занаетчии не можат да аплицираат за бескаматни кредити и поради тоа доколку таа мерка се донесе, занаетчиите воопшто нема да бидат опфатени и нема да можат да си пуштат плата. Владата треба да има целосно разбирање за ситуацијата на моментално најпогодениот сектор во државата од КОВИД 19 – занаетчиството. Управниот одбор на ЗКРСМ на чело со претседателот Агрон Фазлији нема да застанат се додека не ги добијат бараните мерки затоа што тие се скромни и реални и се засноваат на аргументи и на моменталната ситуација на занаетчискиот сектор, се со цел да се зачуваат работните места, се вели во нивното соопштение.