„Заменик директорот на Македонија пат и претседател на унијата на ветерани во Демир Хисар, Сашо Дранго, гордо се фотографира со мечка што ја застрелал во декември 2024 година“, објави Анима Мунди.

Мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането.
Фотографиите до кои дојде Анима Мунди, покажуваат дека Дранго откако ја убил мечката, ладнокрвно позира со неа како да е трофеј, што само го отсликува неговото умоболно хоби, за што говорат и неговите фотографии од убиени различни диви животни на социјалните мрежи.
Станува збор за човек, втор во хиерархијата во јавно претпријатие кој треба да биде пример за почитување на законите, а не сторител на кривични дела.

Оттаму, се отвора прашањето дали Дангов е недопирлив за правдата само затоа што е политичар и колку пати го има извршено овој монструозен чин?

Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането.

Дополнително, член 14 од истиот закон предвидува дека ловењето на мечката е трајно забрането, без исклучоци. Според член 228 од Кривичниот законик, ловењето на дивеч под заштита, како мечката, е казниво со затворска казна од една до пет години.

Потенцираме дека цивилизиран човек е само оној кој има почит кон сите живи битија, а не оној кој ги деградира нивните живеалишта, им упаѓа во животната и природна територија и наоружан до заби убива“, соопштуваат од Анима Мунди и додаваат дека ќе поднесат кривична пријава против Дранго.

„Очекуваме негово разрешување од функцијата, бидејќи вршителите на јавни функции треба да бидат синоним за одговорност, отчетност и почитување на законите, наместо со пушки в рака да убиваат заштитени видови животни и притоа да не одговараат. Бараме законот да важи за сите и за овој злочин против природата во кој животот го загуби едно скапоцено животно да следува највисоката казна предвидена со закон“, се вели во соопштението на Анима Мунди.