Владата ги подготви законските измени кои ја дефинираат недела како неработен ден. Прецизирани се дејностите во кои неделниот одмор може да се замени и со друг работен ден и тие по проценките се неопходни за нормално функционирање на општеството. Измените предвидуваат за 50 проценти поголема дневница и слободен ден за тие што ќе работат во недела, а се дел од овие дејности, како и 100 отсто поголема дневница и слободен ден за за оние кои ќе работат во несуштинските дејности, што е регулирано со Законот за трговија. Со оглед на тоа што законски утврдените консултации завршија, се очекува уште овој месец измените да се најдат на владина седница.
Од Владата посочуваат дека со ова се врши усогласување на приватниот и професионалниот живот на работниците. Тоа велат ќе резултира со поголемо задоволство на работниците и зголемена мотивираност во работењето, што понатаму ќе придонесе за поголема продуктивност, подобри економските резултати на работодавачите, а со тоа и на работниците. Синдикатите не се согласуваат во целост со ова решение и бараат поголеми заштитни механизми. Работодавачите сметаат дека решението е добар компромис, до кој се дошло по подолги разговори меѓу социјалните партнери.
Претседателот на организацијата на работодавачи Ангел Димитров вели дека овие законски измени биле разгледувани подолг период, а подолга расправа имало и на Економско-социјалниот совет. Ова решение, според него, е балансирано и ги унапредува работничките права. Сепак, во истовреме, нагласува, мора да се води сметка за доследна примена на тоа што ќе биде донесено.
– Имаше неколку варијанти, и на крајот ова е еден вид компромис. Наместо како што е сега во законот ден на неделен одмор да е дефиниран како „недела или некој друг ден“, сега недела е ден на неделен одмор. Значи, кај ниеден работодавач не може наместо недела некој друг ден да се прогласува за ден на неделен одмор, освен во суштинските дејности, што е напредок на тие работничките права. Но, од друга страна, се одлучивме дека мора да се наведат дејностите кај кои поради разни причини – како чување да речеме на животни, дали е заради високите печки во технолошкиот процес, дали се медиумите, дали е превозот на патници, стоки… Се обидовме да ги наведеме сите дејности каде мора заради карактерот на дејноста да се работи во недела, да не може да се прекине процесот и некои помошни дејности, како да речеме во банкарството. Банките не работат во недела, ама службата за одржување на кредитни картички, за помош на корисниците на кредитни картички на софтверот и тие работи мора некои помошни дејности да работат, вели Димитров за МИА.
Тој додава дека Министеството за труд и социјална политика треба тие помошни дејности да ги наведе посебно во правилник, бидејќи тие во различни сектори се различни.
-Имаше реакции од Синдикатот зошто за трговијата на мало и на големо, значи за продавниците, за дуќаните итн. ќе се решава со Законот за трговија, кој е во надлежност на Министерството за економија. Но, тие најдоа некој компромис за оние што ќе работат во недела, да речеме големите молови, да се плаќа на работникот 100 отсто плус, значи дупла дневница и да му се даде неделен одор некој друг ден во неделата. Дополнително од прометот што го имаат за време на празниците и во неделата да се доплаќа два проценти во Буџетот за изградба на градинки. Значи, вака е направен компромис затоа што ако работодавачите проценат дека прометот што го имаат во недела им е многу важен и е многу поголем од другите денови во неделата, ним ќе им се исплќа и да исплатат и дупла дневница и плус надомест на државата и да работат во недела. Оние работодавачи кои ќе проценат дека нивниот промет не е така висок, дека само има зголемени трошоци за плати и за надомест, тогаш нема да работат во недела. Самиот работодавач ќе одлучи дали ќе работи или нема да работи во недела, вели претседателот на ОРМ.
Димитров нагласува дека и покрај, како што вели постигнатиот добар компромис, треба да се води грижа за негова доследна примена.
-И во постојните законски решенија не беше проблем работењето, туку беше проблем плаќањето на зголемената дневница за работа во недела или за празник. Тоа непочитување на законот доведе до тоа да се донесе една ваква одлука со која малку построго ќе се регулира и се зголемени казните за работодавачите кои нема да го почитуваат. Тие може да добијат забрана за вршење дејност од 15 дена. На еден начин ние како работодавачи се усогласивме, ги прифативме овие компромиси, рече Димтров додавајќи дека последната верзија на законот е добар компромис.
Согласно законот за работни односи, за работа во недела во суштински дејности ќе се добива 50 проценти поголема дневница и слободен ден, а за работа во малопродажба, како во продавниците во трговските центри и бензинските пумпи дневница поголема за 100 проценти и слободен ден.
– Разликата е во тоа што според Законот за работни односи работата во недела е само заради дејноста, значи ниту работодавачот е виновен, ниту работникот е виновен што мора така. Работникот уште кога се вработува во таква дејност, да речеме новинарите, медиумите, се однапред свесни дека ќе мора некогаш да работат и во недела, а со тоа добиваат 50 отсто зголемена дневница и слободен ден во некој од наредните денови. Додека ова во трговијата е направено да се дестимулираат работодавачите да работат во недела. Значи, бројот на дуќани што ќе работат во недела да биде што повеќе ограничен и затоа е дневницата двојно зголемена наместо 50 отсто – 100 проценти и тоа се регулира со друг закон, рече Димитров.
Тој појаснува дека другите дуќани, како продавници за текстил нема да имаат право да работат во недела, освен доколку не сака газдата односно самиот основач на фирмата да работи. Нему му е дозволено. Значи, потенцира Димитров, сопственикот на фирмата може да работи затоа што тоа е и негово уставно право, нему не може никој да му забрани, штом е негово тој сака да работи, ама работниците не може да работат. Според него, ќе работат и големите маркети за храна и дуќаните кои се во рамки на трговските центри. Нема да работат конфекциите, односно текстилната, кожарската и чевларската индустрија, бидејќи не се ставени во исклучоците.
-Ќе работат само оние кои се стриктно напишани во исклучоци односно дејности неопходни за функционирање на државата. Нема да работи и цела преработувачка индустрија. Само дел од таа индустрија, дури, да речеме, еве во млекарите ќе работат само службите што ќе го собираат млекото од селаните и ќе го ставаат во замрзнувачи, а во понеделникот се почнува со процесот на производство. Значи, само помошните дејности ќе работат. Така што, текстилни фабрики, кожни, преработка на дрво, мебел, тоа ништо нема да работи во никој случај, појаснува претседателот на Организацијата на работодавачи.
Сојузот на синдикати на Македонија не се согласува со предлогот на Министерството за труд и социјална политика, правото недела да биде неработен ден, да се уреди и со Законот за трговија, освен со Законот за работни односи. Оттаму се на став дека ова право треба да се уреди само со Законот за работни односи, како основен закон од трудовото право, а не да се уредува со посебни закони, затоа што, потенцираат, тоа може да доведе до нееднаквост на правата на работниците и да предизвика правна несигурност.
Од Синдикатот на состаноците на Економско-социјалниот совет на кој се разгледувало ова прашање, го искажале своето незадоволство од тоа што, како што нагласуваат, по период од шест месеци преговарање и договарање на деталите за начинот и постапката за остварување на ова право на работниците, МТСП го променило концептот и предлага ова право покрај во Законот за работните односи да се уреди и со Законот за трговија.
– ССМ искажува загриженост за проширување на дејностите вклучително и дозволување на работа на трговските центри (моловите) кои ќе бидат во исклучоците кои ќе можат да работат во недела. ССМ смета дека помошните и придружни дејности односно работни места кои се предвидува да работат во недела не се прецизирани и не се дефинирани во законот и оваа формулација не е јасна и општа, не е утврдено за колку и колкав број на работници се однесува, па истата може да биде извор на манипулации и злоупотреби, а со таквата нејасна формулација наместо, со законските измени да се уреди правото недела дека е неработен ден, всушност недела ќе стане работен ден за најголем број работници, вели за МИА претседателот на ССМ Дарко Димовски.
Тој нагласува дека дека ССМ останува на ставот дека заради спречување на злоупотреби потребно е денот на неделен одмор за исклучоците од став 3 од Предлог законот, да биде денот што му предходи, односно му следи на денот недела односно или саботата пред недела или понеделникот.
-Напоменуваме дека дури и пренесувањето на правото за само еден ден во наредната недела може да значи губење на правото на неделен одмор кој треба да се искористи во седум дена од неделата. Предлогот на МТСП дозволува работниците да работат најмалку 12 денови непрекинато односно во текот на две работни недели да искористат само еден ден на неделен одмор доколку неделниот одмор од наредната недела го префрли повторно за наредната недела, вели Димовски.
Предлагаме, додава тој, при прекршување на одредбите од член 134 забрана за вршење на работа да се донесува на целокупното работење, а не во работниот простор или работа просторија каде е утврдена неправилноста. Казните, вели, треба да бидат сериозни за да се делува превентивно и се спречи прекршување на законот, бидејќи, како што посочи, досега во пракса се покажало дека вака уреденото законско решение во делот на непријавени работници е проблематично од причини што работодавачот продолжува да работи во други простории со оглед на тоа што забраната се однесува само за определени работни простории, а не за целокупното работење.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека консултациите со засегнатите страни траеле повеќе месеци, пред Предлог-законот да ја добие оваа содржина што ја има денес.
-Секако, во овие консултации најбитни ни беа ставовите и мислењата од социјалните партнери, бидејќи тие ги застапуваат интересите на двете најзасегнати категории: работниците и работодавачите. Сосема слободно можеме да кажеме дека нивниот придонес ни беше многу значаен при дефинирањето на законските решенија, особено во утврдувањето на дејностите кои ќе бидат исклучоци од правилото дека недела е ден на неделен одмор за сите. Беше битно на оваа листа да се најдат навистина само оние дејности чија работа е неопходна и во недела или дејности кои поради природата на техничко-технолошкиот процес мораат да се одвиваат без прекин, затоа што во спротивно, нема да можеме да го постигнеме саканиот ефект: неделата да биде ден на неделен одмор за сите и поедноставно ќе може да се организира семејниот и социјалниот живот на работниците, велат од МТСП за МИА.
Додаваат дека придобивките од усогласувањето на приватниот и професионалниот живот на работниците, ќе резултира со поголемо задоволство на работниците и зголемена мотивираност во работењето, што понатаму ќе придонесе за поголема продуктивност, подобри економските резултати на работодавачите, а со тоа и на работниците.
Се очекува уште во текот на овој месец законот да се најде на владина седница. Имајќи предвид дека е завршена законски утврдената процедура на консултации за измените и дополнувањата на Законот за работните односи, се очекува уште овој месец Предлогот на закон да биде разгледуван од страна на Владата, велат од МТСП. Примената на законот беше најавена за почетокот на наредната година.
На законски измени за воведување на недела како ден за одмор работеше и Министерството за економија. Тоа ги изготви измените на Законот за трговија со кои се регулира ова прашање.
Од Министерството појаснуваат дека угостителството ќе работи согласно Законот за угостителство, а трговските центри и поединци ќе работат само една смена во недела, и сите тие вработени ќе добијат сто отсто дневница. Согласно законот за трговија, посочуваат, ќе бидат лиценцирани сите компании што ќе работат во недела, а надзор ќе врши и Инспекторатот за труд и Пазарната инспекција во однос на исплаќањето на прекувременото работно време и условите. Сите ќе бидат пријавени за работа во недела и така ќе се врши контрола да се провери дали работниците биле дополнително платени.