Владата го достави до Собранието предлогот за воведување на еколошката такса и за намалување на ДДВ-то на струјата. Измени ќе се прават во Законот за даноци и во Законот за животна средина, кои во моментов се наоѓаат во собраниска процедура.

Advertisements

„Во однос на Законот за данок на додадена вредност, тој е во собраниска постапка. Исто така и Предлогот за законски измени за повисока еколошка такса за нафтените деривати е испратен во Собрание“, велат од Владата.

За коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива оваа такса е спорна зошто нема да се знае точно за што ќе се трошат собраните пари кој според планот директно ќе одат во државната каса, затоа ќе бидат против ова законско решение.

„Во суштина оваа такса во основниот државен буџет не оди во некој фонд или одредена агенција одредена за екологија. Уште повеќе што досега 0,5 проценти се наменува за екологијата не гледаме дека е поволна оваа мерка. Може Владата со редуцирање на непродуктивните трошоци, кои се трошат од државни функционери да ги собере тие средства и да не се оптовари економија и граѓаните со фискален товар“, рече Елми Алзири – Алијанса на Албанците.

И од ВМРО- ДПМНЕ велат дека наместо вложувања во екологијата, Владата има намера да го полни буџетот на грбот на граѓаните.

„Мерката ќе има претежно фискален ефект на зголемување на приходите во буџетот. Таа нема никаква врска со екологија и заштита на животната средина, туку претставува само друго име за кризен данок. А познато е дека кризните даноци, по правило, се воведуваат по завршувањето на одредена кризна ситуација, а не во ек на самата криза, за да не ја продлабочат дополнително постојната криза“, рече Трајко Славески- ВМРО- ДПМНЕ.

Еколошката такса од 3,5 денари без ДДВ ќе се однесува на дизелот, бензинот екстра лесното масло и мазутот. Планот е преку оваа давачка во буџетот да се слеат 54 милиони евра за една година, пари кој според владата ќе се наменат за инвестиции во обновливи извори на енергија.

Андреа Чобанова