Facebook статус на Никица Корубин

Историјата базирана на факти, без разлика колку е далечна – 5, 50, 500 или 5000 години, се чини како најголем проблем за нашата диригирана јавност. За фактите, сите избегнуваат да говорат. А, ако не ги познаваме, вреднуваме и контекстуализираме фактите, ние немаме никаква вистина, а преку неа ниту свест за реалноста која ја живееме. А, ако ја немаме свеста, како тогаш ги носиме одлуките и како ги вреднуваме донесените одлуки од властите, кои и да се тие во уставниот поредок?

И бидејќи ова е време на носење на “одлуки” кои го штитат или загрозуваат уставниот поредок, значи системот во кој функционираме и живееме како индивидуални граѓани; фактите се јавуваат како клучен фактор, во разбирањето на настаните и последиците. А, кога има факти, нема простор за перцепција, таа омилена “играчка” на секоја наменска пропаганда, манипулација и дезинформација при креирањето на јавното мислење. Затоа што намената на перцепцијата, е да ги сокрие фактите.

Која е перцепцијата за Законот за јазиците, перманентно градена и одржувана “во живот” цели 7 години од неговиот влез во парламентот во септември 2017 година, до неговото двојно донесување, јануари па март 2018 година, и конечно неговото стапување во сила, во јануари 2019 година? Дека се потребни две години, за да се имплементира уставна одредба и право? Или дека перипетиите и блокадата (парламентарно/претседателска), само беа “скриени” позади медиумски градената перцепција за “загрозеноста на Македонците од Албанците”? Со која цел, партиско/партократски се хистеризираше јавноста, хранета со манипулации и дезинформации, се негуваше албанофобијата, и се прескокнаа и маскираа сите можни факти?

За на крајот, фактите, да бидат потенцијално оправдание (мислењето на Веницијанската комисија), за укинување или преиспитување на истиот? Но, пред да слушнеме што мисли Веницијанската комисија, добро е да се потсетиме на “историјата”: освен што Законот за употребата на јазиците, веројатно го држи рекордот на долго патешествие низ собранието, секако го држи рекордот на поднесени амандмани (35.569 – од кои 35.563 од страна на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, 4 од страна на пратеници на СДСМ и 2 од страна на пратеници на Беса) и особено рекордот на обесмислување на дебатата (за чиј недостаток константно се ламентира), преку формирање на 10 пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ кои притоа неколку месеци глумеа спротиставени страни, преку “стекнатата” можност за бесконечни реплики: итрина од репертоарот за целосното релативизирање на највисоката, законодавна власт.

Но, чуму толкав отпор кон Законот за употребата на јазиците, кој што ни приближно не беше, за среќа, ефектуиран на уставните измени, една година подоцна? За овој факт, ретко кој сака да дискутира, а уште поретко да праша: дали албанофобијата останува најголемата фобија, на која безмилосно е изложена македонската јавност? Судејќи според текот на настаните, таа останува “најсигурната карта” за дестабилизирање на системот и општеството, секогаш кога треба да се оди напред (членство во НАТО и членство во ЕУ). Ништо различно не е ниту сега, со проблематизирање на сите параметри на Охридскиот договор.

Па, после укинувањето на балансерот и компромитирањето на правото на етничка припадност, со кое се загрозува и принципот на бадентерово мнозинство; следно е регулираното право на употреба на албанскиот јазик. Кое, патем речено, со зборовите на Венецијанската комисија, гласи токму вака: “Многу одредби од Законот за јазиците ги надминуваат дефинираните европски стандарди особено во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и европската Повелба за регионални и малцински јазици. Ова во принцип е за пофалба. Венецијанската Комисија ја поздравува подготвеноста на властите во Северна Македонија да ја подобрат лингвистичката состојба на заедниците.”

Звучи познато? Колку пати овој дел е пренесен во нашата “јавност” од одговорните медиуми? Колку пати, овој факт е искористен, од политичките “елити” при заложбите за мултиетничко и мултилингвистичко општество? Малку, ретко, воопшто? Ги знае ли јавноста воопшто забелешките на Венецијанската комисија и на што тие се однесуваат? Знае ли дека тие зборуваат за ефикасноста на примената и како таа да се оствари (во судските спорови, во здравството, во администрацијата) и воопшто не го спорат, туку напротив го фалат ова уставно право на албанскиот јазик, како еднакво службен јазик како и македонскиот јазик секаде и на целата територија, освен во меѓународните односи? И правата на другите јазици во локалните заедници?

И затоа никој не говори за фактите. Затоа што со фактите (Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија) ние имаме функционална, праведна и современа држава внатре меѓу граѓаните и надвор кон соседите и меѓународниот правен поредок. И секоја перцепција која се наметнува како параван, за фактичкиот напад на овие три столба на нашата стабилност и европска извесност, е всушност бегање со желба за конечно анулирање на фактите. А, од фактите никој не избегал, и особено од последиците на нивното игнорирање.