Вака се затвори денеска Комисијата за одбрана и безбедност на која се дискутираа амандманите на коалицијата АА-ААА за измена и дополнување на законот за државјанство.
Предолгиот говор на пратеникот Апасиев ги револтираше пратениците на албанската опозиција кои побараа да зборува поконкретно за амандманите а не воопшто за државјанството.
Обиди за одолговлекување на седницата имаше и од страна на неговиот сопартиец, Борис Крмов кој постојано бараше процедурално, а истото го правеше и ВМРО-ДПМНЕ која бараше јавна дебата со експерти, нешто што не се зеде предвид. И кога започна дебатата за првиот амандман, кој се однесува на повлекување на членот за добивање државјанство,од екс државјанинот на СФРЈ, пратеникот на ДПМНЕ, Бране Петрушевски, имаше критики.
Шефот на ПГ на АА-ААА, Скендер Реџепи одговори дека овој амандман се однесува само на повлекувањето на членот од претходниот предлог, што значи повторно враќање на претходното законско решение.
„Ова значи, она што го рековте вие, за целата категорија на екс-СФРЈ не фигурира повеќе, останува истата оригинална, што има тука повеќе за дебата? Се гласа, поминува и доаѓа до точката до која бевме. Законот не е чепнат, постојаниот, со точка 2, поминуваме, бидејќи компромисот ова го бара…“, посочи Реџепи.
Албанските партии од мнозинството ги поддржуваат измените кои ги предложи албанската опозиција со амандмани. Арбр Адеми од ДУИ побара од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да се воздржат од постапки кои ја попречуваат или кочат работата на комисијата.
„Процедуралните интервенции во текот на вчерашниот ден, процедуралните интервенции во текот на денешниот ден, но и барањето да се прекине работата на комисијата не можам да ги коментирам поинаку освен како отворена опструкција врз решавање на ова прашање… ќе стекнат државјанство најмалку 2.764 луѓе кои се во процедура“, додаде Адеми.
Седницата беше одложена на неодредено време. Коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива поднесе вкупно 10 амандмани, со кои се менува предлог-законот за државјанство. Тие беа изготвени по последната средба и договор кој го постигнаа со Владата. Целта е да се олесни процесот за добивање државјанство на стотици граѓани кои, иако се родени или долго време живеат во Македонија, немаат државјанство.