Предлог Законот за финансиска поддршка на компаниите за исплата на плата на вработените за февруари и март е ставен на дневен ред на собраниската седница за 23 март. А, рокот за аплицирање на компаниите завршува на 30 истиот месец. Тука се отвора прашањето дали рокот е прекраток и работниците може да останат без ветените пари.
Според Деловникот за работа на Собранието, доколку на 23-ти, пратениците имаат кворум за работа и изгласаат потреба од носење на законот, тој оди на Комисијата за финансирање и буџет каде треба да се дебатира најмногу два дена и повторно да се врати на собраниска седница. Само во случај пратениците да ги поминат експресно сите процедури, има минимални шанси компаниите да го стасаат рокот за аплицирање. Во секој друг случај нема да стигне предвидената помош за февруари. Од ВМРО ДПМНЕ тврдат дека нема да ги блокираат законите за финансиска помош.
– Advertisement –
„Чекаме да помине општ претрес по предлог Законот за финансиска поддршка за истиот да го ставиме на комисија за финансирање и буџет. Како опозиција ниту еден закон од мерките во петтиот сет нема да ги блокираме“, рече Тимчо Муцунски претседател на Комисија за финансирање и буџет од ВМРО-ДПМНЕ.
Од собранието не одговорија зошто спикерот Џафери го ставил законот на дневен ред во втората половина од март, иако тој по скратена постапка беше доставен уште пред две недели. Одговорниот за економските политики во Владата Фатмир Битиќи испрати апел до пратениците во Собранието разумно да постапат и да ги изгласаат законските решенија поврзани со петтиот сет мерки кои се заглавени во собраниските лавиринти.
„На крајот на денот јас одвојувам од моите лични средства, моето дете одвојува од неговите можни идни средства токму за тие кои се во законодавниот дом да работат за иднината на моето дете. Затоа замолувам како татко, и тие да го направат тоа како родители“, рече Битиќи.
Инаку, додека граѓаните и компаниите се во исчекување на петтиот сет мерки, денеска е прв ден од одлуката на властите за полициски час кој е на сила до 22-ри месецов. Секоја дополнителна ригорозна мерка која би значела ново затворање на стопанството ќе биде нов удар врз економијата. Од власта денеска не одговорија конкретно дали ќе има нова помош доколку се случи вакво нешто.
Иле Петревски