И раководителката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, пред еден месец добила две писма со закани по живот ако не ги осудела Зоран и Вице Заеви.
Русковска, за разлика од републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, кој преку соопштение до сите медиуми соопшти дека терористичка организација му се заканувала дека ќе го убие ако не го повлече обвинението за двајца новинари од телевизија Алфа, информацијата дека и таа добивала закани ја сподели само на Дојче Веле.
Писмата пристигнаа околу 23-24 декември минатата година. Заканите беа во смисла дека невини и угледни граѓани се во затвор, а ‘криминалците Зоран и Вице Заеви’ биле на слобода. Ако веднаш не ги осудам ќе бидам убиена. Двете писма беа во таа смисла, изјавила Русковска за Дојче веле.
Случајот го пријавила веднаш во Министерството за внатрешни работи, по што добила дополнително обезбедување, согласно законот. Таа се уште чека информации од полицијата дали е откриено кој стои зад заканите.