Постои голема веројатност во следните неколку часови самопрогласената влада на Белорусија да одлучи белоруските вооружени сили да земат учество во војната со Украина на страната на Руската Федерација, изјави денеска Андриј Захородник, поранешниот украиснки министер за одбрана, во моментов шеф на Центарот за одбранбени стратегии, пренесува Укринформ.
-Од сигурни извори кажуваме дека е многу веројатно самопрогласената влада на Република Белорусија во следните неколку часа да одлучи за учеството на нивните вооружени сили во војната што ја води Руската Федерација против Украина. Тоа ќе значи вклучување на силите и средствата на војската на Белорусија против нашите одбранбени сили. Единствената причина за таквата одлука би била тоа што Лукашенко е целосно зависен од Путин, вклучувајќи ја и неговата безбедност, рече Захородник.
Поранешниот министер истакна дека таквата одлука не ги зема предвид мирот и пријателството меѓу народите на Украина и Република Белорусија, кои траат со векови.
-Белорусите и Украинците низ историјата никогаш не се бореле едни против други. Ние сме братски народи и не можеме да се бориме едни против други. Доколку оваа одлука биде донесена и спроведена, тоа ќе биде уште една трагедија од историски размери во рацете на Путин и Лукашенко. Но, ние ќе го убиеме секој окупатор. Затоа, да направиме се што е можно, и покрај лудилото на режимот на Путин, Белорусите и Украинците да останат братски народи, рече Захородник.
Тој, исто така, го посочи фактот дека белоруската војска можеби не разбира каде ќе оди, нивната телевизија е полна со пропаганда за некои имагинарни „нацисти“, можеби нема да им се објаснат задачите и можеби не разбираат многу од тоа што се случува. Можеби не се свесни за лудите загуби што ги трпат Русите овде, кажа поранешниот украински министер за одбрана, пренесе државната агенција Укринформ.