Mинистерка за надворешни работи, Екатерина Захариева смета најавата на премиерот Зоран Заев за враѓање на српскиот јазик во училиштата е потврда дека Скопје не ги раскинало врските со Белград и Москва.

„Враќањето на српскиот јазик во училиштата во Република Северна Македонија ги побива ставовите дека се прекинати врските со Србија и Русија“, изјавила Захариева за БТВ.

Захариева повтори дека македонизмот е геополитичка идеја создадена од Белград и Москва и додава дека не е изненадена од одлуката за јазикот.

„За жал, не сум изненадена од ваквата одлука на македонските власти. Враќањето на српскиот јазик значи дека сите партии во Република Северна Македонија, без оглед на нивните политички разлики се едногласни за ова прашање, како и за темата за односите со Бугарија“, вели Захариева.

Враќањето на српскиот јазик и изградба на Српски културен центар во општината Центар во Скопје, Заев ги најави пред два дена во неговата честитка по повод Свети Сава – националниот ден на Србите во Северна Македонија.

„Одиме и чекор понатаму и ги враќаме наставните програми за изучување на српскиот јазик и култура за што се одобрени наставните програми од трето до шесто одделение, а во постапка на одобрување се наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение, за разлика од времето кога ВМРО-ДПМНЕ во 2007 година ја укина можноста српскиот јазик да се изучува како изборен предмет“, напиша Заев во честитката.