Бугарија ја направи темата за проширувањето крајно видлива во Европската унија, но се покажа дека е невозможно во оваа фаза да каже „да” за рамката за преговори со Северна Македонија, затоа мислам дека емоциите мора да се смират, и во Скопје и во Софија, и да се најде решение, вели бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за софискиот весник „Труд”.
Мислам дека кога емоциите ќе се смират во Бугарија, а особено во Северна Македонија и таа ќе почне да размислува и постапува порационално, ќе се види дека Бугарија никогаш не била непријател, туку напротив продолжува да биде искрен пријател. И кога сте искрен пријател, мора да ги посочите проблемите и да барате начин да ги решите, нагласува Захариева.
Според неа, европската перспектива на Западниот Балкан, вклучително и Република Северна Македонија, е главен двигател за реформите и за вистинско помирување во земји од регионот, па затоа проширувањето на ЕУ било главен приоритет на бугарското претседателство со Унијата.