Во Велика Британија се откриени случаи на инфекции со сој на коронавирус со потенцијално загрижувачка мутација, која за првпат беше откриена во Индија. Британските власти до 14 април регистрирале вкупно 77 случаи на оваа варијанта, позната како Б.1.617. Од нив, 73 случаи се евидентирани во Англија и четири во Шкотска.
Видот Б.1.617 во моментов е означен дека е „под истрага“. Доколку се покаже дека е позаразен или поотпорен за нашиот имунолошки одговор, тогаш ќе се зборува за „загрижувачка варијанта“.
Весникот „Гардијан“ пишува дека во Велика Британија веќе постојат неколку „загрижувачки варијанти“, вклучувајќи ги и оние што први беа откриени во Кент, Јужна Африка и Бразил.
Овие верзии содржат различен сет на мутации, иако има некои преклопувања. На пример, сите три соеви имаат мутација наречена N501Y, за која се верува дека го прави вирусот позаразен, додека верзиите од Бразил и Јужна Африка имаат мутација наречена 484K, за која се верува дека му помага на вирусот барем делумно да го избегне нашиот имунолошки одговор.
Варијантата Б.1.617 првично била откриена во Индија, но подоцна се проширила и на други делови од светот, вклучувајќи ја и Калифорнија. Експертите се малку загрижени затоа што оваа верзија содржи две мутации на S протеинот (С – спајк, шилец) што може да ја зајакне неговата способност да избегне имунолошки одговор на нашето тело.
Д-р Пол Хантер од Универзитетот во Источна Англија вели дека тоа е потенцијално вознемирувачка верзија.
-Овие две мутации заедно можат да бидат многу попроблематични од јужноафриканските и бразилските соеви кои имаат само една таква мутација, а потеклото од Индија полесно може да навлезе во заштитата на вакцините, рече Хантер.
Меѓутоа, додава тој, потребни се дополнителни истражувања за да се утврди точната улога на овие мутации и нивното влијание.