Идејата за подготвување на креативни оброци за Загорка Аврамовска (сопственичка на печатницата „Артисан“) не дошла случајно. Размислувајќи да пронајде нешто што ќе ѝ го исполни времето поминато со 4-годишното синче Бојан, кога барем еден час ќе прават нешто поинакво од вообичаените активности во текот на денот, кои подразбираат цртање, читање, местење коцки и останати игри, одлучила двајцата да се испробаат во подготовка на оброците. И навистина замислата се покажала како одлично поминато време.
– Кога ќе го видите празно чинивчето сфаќате дека вредело што сте се вложиле, а впрочем и сте се забавувале заедно. Експресно изеден оброк без вклучен таблет или телевизија, патем раскажана една цела приказна која до вечер се повторува, а доколку е некоја нова тема, за него е уште позабавно, затоа што знаете, прашањата и потпрашањата на таа возраст немаат крај, па ќе слушнете нешто што во ист момент ќе ве засмее и замисли, како размислува детското мозоче – вели Загорка и ни објаснува што најчесто им служи како инспирација:
– Бидејќи нашите оброци станаа рутина, речиси секоја вечер додека читаме пред спиење ја договараме темата за следниот ден. Најчесто тоа е нешто што го видел во текот на денот, нешто за што сме разговарале, лик од книга, цртан филм, животно од Зоолошка, но понекогаш се некои невообичаени предмети и апарати од нашето секојдневие. Апаратот за притисок на дедо и баба, алатот на тато, правосмукалка, но исто така и нема нешто што не сме го реализирале, ако тоа веќе е желба и е договорено.
Јованче и Марика: Овој оброк се состои од: домашно приготвена пица со маслинки, рукола, доматни домашни салца, шунка, кашкавал, свежи печурки. За декорација на дрвото и за Јованче и Марика, користевме морков, рукола и магдонос.

Последното снегче за оваа година: За овој оброк користевме печен мисиркин стек, варен ориз, црвена свежа пиперка, морков, кашкавал, парчиња тостиран леб и киви.

Ковид-19: Овој појадок беше за мама и Бојан и за него користевме ајвар, маслинка и кашкавал, домашно подготвен намаз од хумус, кисели краставички, киви и парче портокал.

8 Март: Вообичаено утринските ужинки се состојат од овошје или свеж зеленчук, кои Бојан си ги грицка со особено задоволство и сласт. Користевме црвена пиперка, лист од марула, магдонос, млад кромид, краставичка и зрнца пченка.

Зоки Поки: Галети од тиква декорирани со урма и аронија. Сè тоа беше подоцна покиснато во јогурт и изедено. За очите користевме кисели краставички кои служеа само за декор. И така, го создадовме ликот по кој е создаден „Зоки Поки“.
