Може само да се претставува што правел рускиот архимандрит Васијан Змеев во Македонија поради што нашите власти му забранија влегување во земјата. Веста што прв ја објави порталот за верски прашања, „Религија.мк“, предизвика силни реакции не само во земјава, туку и во Бугарија, каде што, всушност е основната работа на Змеев – тој е шеф на руското црковно подворје во Софија.
Но, од неговата служба во Софија, Змеев наводно ја направил Македонија во истурено подрачје за неговите активности, секако по насоки на надлежните во Руската православна црква и по интересите на Москва, која е во религиска и политичка битка со Цариградската патријаршија.
Змеев е додаден на списокот на МНР на кој има тројца дипломати од руската амбасада кои МНР ги протера поради недозволени активности. Архимандритот Змеев, како што пишува „Религија“, изминатава година често ја посетувал Македонија, се среќавал со архиепископот Стефан и митрополитите Григориј и Петар. За време на една посета во манастирот Пантелејмон во Нерези служеше помен за загинатите руски војници. Ја има улогата на координатор на Балканот за руските црковни политики, со особено влијание во Бугарија и во Македонија.
Неофицијално Змеев последната година ги координирал сите политики на МПЦ-ОА во однос на нејзината црковна дипломатија, што доведе до целосен застој во односите со Вселенската патријаршија за целосно признавање на автокефалноста на МПЦ ОА.
Претседателот Стево Пендаровски неодамна јавно кажа дека некои владици на МПЦ-ОА биле во блиски контакти со руските безбедносни служби.
Во саботата, копретседателот на Демократска Бугарија, Атанас Атанасов, за бугарските медиуми изјави дека Змеев се обидува да внесе раскол во македонската црква. Атанасов бил огорчен што бугарските разузнавачки служби до сега не известиле дека претставникот на Московската патријаршија во Бугарија се занимава со шпионажа.
„Малата Македонија го установи ова. Ова е показател за ниската ефикасност на разузнавачките служби во Бугарија“, рече Атанасов, додавајќи дека рускиот свештеник сѐ уште има право да работи во Бугарија.
Наводно, Змеев секој месец патувал во Скопје. На крајот на јуни, Змеев го посети и кумановско-осоговскиот митрополит Григориј за Петровден, придружуван од рускиот амбасадор во Македонија. Според познавачите на црковните прилики владиката Григориј е најревносен поддржувач на руските интереси во Македонија и е против политиките на вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Две недели претходно, претседателот Стево Пендаровски објави дека безбедносните служби добиле информации од партнерските служби дека припадници на Синодот на Македонската православна црква работат во корист на руските тајни служби, но не наведе конкретни имиња.
Превземено од Независен.мк