Поранешниот потпретседател на ИНТЕГРА, Воислав Зафировски, тврди дека полициската акција во Вевчани е спремана подолго време и ја ослободува од било каква одговорност опозицијата.

„Како може опозицијата да биде виновна за еден ваков инцидент, кога повеќе од очигледно е дека полициската акција била подготвувана и планирана многу поодамна, затоа што полицајци во толкав број за обезбедување на Василичарскиот карневал е нешто што не е вообичаено, изјавил Зафировски за Алфа телевизија.

Тој забележал дека полициските службеници, кој требало да обезбедат примена на здравствените протоколи, самите не носеле маски или ги носеле под нос.

Според него, интервенцијата на полицијата за спречување на карневалот има политички мотиви затоа што полицијата манифестирала сила, на места каде не наидува на активен отпор од граѓаните.

„Каде беше таа иста полиција во Ченто кога тројца беа приведени, а 500 излегоа во сред полициски час, дали имаше некаква одговорност за тоа“, праша Зафировски.

Тој обвини дека директорот на БЈБ е марионета на Заев и Спасовски, кој никогаш не излегол во јавноста да проговори за состојбите во полицијата.