Борбата со корупцијата продолжува, никој нема да биде поштеден. Системот се справува и со крупните и со ситните риби, секој ден се испраќа пораката дека законот важи еднакво за сите, порача денеска премиерот Зоран Заев од собраниската говорница одговарајќи на пратенички прашања.

Откако нагласи дека е јасна паралелата на владеење меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Заев уште еднаш ја повика опозицијата да се вклучи во борбата против корупцијата и криминалот.

Страшно беше, рече Заев, во времето на Груевски да се спомне име на функционер, а камоли да му се суди. – Денес не е така, напротив. Пред лицето на правдата не се само граѓани, туку и луѓе блиски до власта или до опозицицијата. Никогаш вака отворено во државата не се зборувало на секое ниво и со преземање одговорност од премиерот, како и од останатите владини ешалони, истакна Заев.

Матрицата на ВМРО е кочница на државата, оцени Заев и додаде дека да не беше нивниот квазипатриотизам сто пати побрзо ќе се движевме кон евроинтергациите и подобрувањерто на животот на граѓаните.

– Знам дека вистината боли. Дали во 11-те години додека бевте на власт можевте да спомнете имиња на функционери како што се прави тоа сега? Не. И тоа е големата разлика меѓу нас и вас. Ако законот важи еднакво за сите и ако за сите има судски завршници, ако слободно, транспарентно граѓаните зборуваат за сите, само така ќе не биде како држава. Вашата идеолошка матрица е извор на најголемото зло. Променете ја во делот на кочењето на државата, во делот на одговорноста и квазипатриотизмот – сто пати побрзо ќе се движи Северна Македонија кон евроинтеграциите и поквалитетен живот на граѓаните. Тоа е вистината, тоа се фактите, рече Заев.

Тој потсети дека повеќе високи политичари се веќе со судски пресуди.

Пратеникот Кирил Пецаков генерално рече дека не е задоволен од одговорот на премиерот зашто поентите од прашањето, како што рече, не биле опфатени.

Додека премиерот зборуваше, имаше гласни дофрлувања од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ на што тој им рече дека нема потреба од нервоза кога се кажуваат фактите.