Премиерот Зоран Заев и понатаму тврди дека тендерот за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци за кој денеска беше приведен поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, е спроведен согласно законот. Заев одговарајќи на новинарско прашање како го коментира апсењето на Рашковски рече дека секој е невин додека органите не ја покажат вината.
„Ова уште еднаш покажува дека нема недопирливи во државата. Сегашниот генерален секретар Мухамед Зекири ги достави сите документи околу постапката и до Јавно обвинителство и Антикорупциска комисија. Од она што јас го видов, постапката е спроведена согласно законот и деловникот на Владата, но Обвинителството ако има други индиции треба тие да ги докаже, а судот да пресуди. Јас немам никакви резерви, ако сум имал ќе сум соопштел. Можеби сум пристрасен можеби не сум, затоа постојан институции кои ќе кажат“, рече премиерот Заев на прес-конференцијата во Собранието со албанските партии од опозицијата за законот за државјанство.
Обвинителството бара притвор за Рашковски, за случајот дека додека бил генерален секретар на Владата набавил софтвер за сообраќајни прекршоци од 81.000 евра кој никој не го користи.