Премиерот Зоран Заев во врска со изјавата на претседателот Стево Пендаровски за осудените за настаните во Парламентот на 27 април 2017 година, рече дека не станува збор за ново помилување, туку дека секој има право да побара ново судење, доколку има нови докази и аргументи.
– Во контакт сум со претседателот и тој кажува отворено, барем тоа со мене го има споделено, дека има став како и за сите други случаи. Секој има право да отвори постапка за повторување на судење, доколку има нови докази, нови аргументи, а Судскиот совет е надлежен да одлучи за тоа. Ако се случуваат непринципиелни работи надвор од вредностите во коишто живее и верува огромно мнозинство од нашиот народ, тогаш значи системот на казнување губи смисла. Така што, секако никако помилувања, никако амнестии во тој дел. Правото како и сите граѓани го имаат и тие коишто се осудени за настаните од 27-ми април, ако има некои нови докази, ако има нови моменти. Секако како и сите и тие го имаат тоа право. Впрочем и така го појаснува и претседателот на државата, изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање по денешната вакцинација против коронавирусот.
Претседателот Пендаровски пред неколку дена во интервју на телевизијата Канал 5 ја отвори темата околу можноста за повторно судење за настаните од 27 април и упадот во Собранието.
На прашање на МИА дали претседателот планира помилувања во врска со упадот во Собранието, од кабинетот на Пендаровски појаснуваат дека тој сугерирал дека доколку некој поседува нови докази, кои можат битно да влијаат врз исходот на постапката, потребно е да ги искористи законски гарантираните вонредни правни лекови што потенцијално може да доведе до обновување на постапката.
– За да не се политизира целата постапка, секој кој евентуално поседува нови докази треба да ги приложи до судот, а не на настанот да му дава политички квалификации. Како легалист претседателот Пендаровски смета дека тоа е единствениот правен пат за да се разрешат сомневањата каде што тие постојат, велат од Кабинетот на претседателот за МИА.