При набавката на софтверот за сообраќај не е прекршена ниту една процедура за јавни набавки, не е констатиран никаков конфликт на интереси. Владата работи по највисоки професионални стандарди, транспарентно, етички, законски, комплетно за сите постапки така и за ова.
Ова денеска го изјави премиерот Зоран Заев во одговор на прашање од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Вељановски, дали ќе се побара одговорност за оваа јавна набавка за која се споменува владиниот функционер Драги Рашковски.
Рече дека Јавното обвинителство и ДКСК се обратиле до Владата и оти службите имаат наредба да постапат со сите информации и процедури за целата оваа набавка за софтверот, оценувајќи дека отчетноста и транспарентноста е целосно дел од работењето на Владата.
-Притоа должен сум да информирам дека софтверот за сообраќај е набавен низ регуларна јавна набавка. Авторските права се во целосна сопственост на Владата и за тестирањето е известено Бирото за јавна безбедност. Генералниот секретар, согласно закон и согласно деловник, има право да прави анализи и да ги доставува до Министерството за одредени дејности, надлежности на Владата, истакна Заев.
Повтори дека софтверот е изработен од ФИНКИ и Друштвото „Инвока“ ДООЕЛ Скопје е целосно оспособен, тестиран, предаден со изворен код кој е наменет за следење на сите прекршоци.
-Создаден е за различни камери, не фаворизира ниту еден хардвер и може да регистрира широк спектар на разни сообраќајни прекршоци. Претставува автоматизиран систем што го елиминира човечкиот фактор при одлука за санкционирање на сообраќаен прекршок и со оваа функционалност значајно ќе го подобри регулирањето и почитувањето на сообраќајните правила, рече Заев.
Истакна дека е извршено тестирање на софтверот при што е констатирано целосно функционален и ефикасен и оти ќе биде ставен во функција кога за тоа ќе се извршат потребните синхронизации со базите на податоци од институциите, што треба да го надополнат неговото работење и потребните законски усогласувања.
Повика и да се соопштат јавно сите детали од истрагата на Јавното обвинителство и Државната корупција за спречување на корупцијата за оваа јавна набавка.